Србија

Погреб на жртвите во масовните пукања

06.05.2023 15:30

Србија обвиена во тага, втор ден жалост. Погреб на десетте жртви во масовните пукања во Белград и Младеновац. Пред основното училиште во врачар и денеска горат свеќи. Редици граѓани чекаа да се потпишат во книгата на жалоста. Знамињата на српските институции и натаму на пола копје...

Последно збогум за осуммината убиени кај Младеновац. Денеска се погребуваат жртвите на 21 годишниот Урош, кој пред два дена изврши масакр во неколку села во општината во кој 8 лица го загубија животот, а 14 се повредени. Меѓу убиените има и дете, а највозрасниот имал само 25 години. Осомничениот Урош пак денеска е на распит во јавното обвинителство во Смедерево.

Потресни слики и во Белград. Денеска се погребите и на 5 мина од жртвите на 14 годишниот Коста.

„Ова е ужасно, ги гледам вестите и не можам да спијам. Навистина сум потресена.“

„Душата ме боли за нив. Постојано се обидувам да пронајдам причина зошто ова им се случи ним и на сите нас. И што повеќе информации добивам, се потешко станува. “

Пред основното училиште на Врачар каде се случи масакрот и денеска горат свеќи, а редици граѓани чекаа да се потпишат во книгата на жалоста. Меѓу нив и српската министерка за здравство Даница Грујиќ, која изјави дека за родителите што ги загубија децата, застана животот, а дека другите деца мора да продолжат да живеат изборувајќи се со стресот.

„Наставниците се тука за нив, а тука е и група од психијатри и психолози кои се подготвени да понудат помош и топло ги советувам и родителите и децата да поразговараат со нив. Тоа се стручни лица и знаат каков совет треба да дадат во вакви ситуации“, изјави Наташа Грујиќ, министерка за здравство на Србија.

Состојбата на повредените од двата масакри во Белград и кај Младеновац се подобрува, информира директорот на ургентниот центар Милика Ашанин. Во критична состојба остануваат две пациентки од Младеновац, со повреди на внатрешните органи, главата и очите.

„Од девет пациенти што ги примивме од Младеновац, четири се тргнати од респиратор, потполно се свесни и самостојно дишат, па дури и поразговаравме со нив. Од таа група отпуштивме и еден пациент со прострелна рана во долниот дел на грбот“, изјави Ашанин.

Знамињата на српските институции и натаму на пола копје, во Србија втор ден на жалост. По трагедиите, претседателот Александар Вучиќ со итни мерки, вклучувајќи и заострување на условите за поседување на оружје.

 

 

Марија Котовска