Превентивни мерки против насилство
Социјалните мрежи дополнително ја подгреваат насилната атмосфера, велат психолозите. Сојузот на средношколци предлага четири мерки за безбедно учење. Да реагираме навреме, потребна е итна забрана на „Тик-Ток, апелира претседателката на ЛДП, Зајкова...

„Ефект на зараза“ или „домино ефект“, вака ги карактеризираат психолози последните случувања на масовни убиства во соседството. Социјалните мрежи и медиумските содржини дополнително ја подгреваат насилната атмосфера и ги инспирираат младите да коментираат или со различни методи да се поистоветуваат со личностите, сакајќи да бидат во центарот на вниманието. Психологот Поп Ризова вели – треба да се следи примерот на САД, каде има кампања како да се известува од вакви настани. Според неа, клучно е да не се објавува јавно идентитетот на сторителот.
Со порака „свирни против булингот за младите“ од Либерално демократската партија апелираат да се вклучи алармот и кај нас после случувањата во соседството. До Владата ќе достават низа на решенија и барања меѓу кои најостра контрола на издавање дозволи за поседување на оружје, но и контрола и санкции за родителите кои ќе им овозможуваат на своите деца пристап до истите. Предлагаат забрана за користење на Тик Ток и други социјални мрежи кои поттикнуваат насилство.
Засилено обезбедување на училиштата најдоцна до крајот на учебната година, канцелариите на училишните психолози да бидат отворени за средношколците и учениците да можат да закажат тет-а-тет средби со нив, ова се дел од предлозите на сојузот на средношколци за спречување на меѓуврсничкото насилство.
Александра Спировска
