Се очекува референдум против коцкањето
„Дали сте за оддалечување на сите објекти кои приредуваат игри на среќа од училишта и верски објекти“? Ова ќе биде прашањето на Референдумот инициран од Здружението Антикоцкање, кој е доставен до Општина Тетово. Оттаму се надеваат дека референдумот ќе се организира што поскоро и истиот ќе биде успешен...

Од Движењето „Антикоцкање“ велат дека подготовките за референдумот, преку кој ќе се побара мислење од тетовци: Дали се за оддалечување на сите објекти, кои приредуваат игри на среќа од училишта и верски објекти, веќе се при крај. Референдумот нема да биде обврзувачки, но целта е да се прати порака, дека граѓаните се против казина и спортски обложувалници. Во план е референдумот, да се организира на ниво на цела држава.
Од Општина Тетово, велат дека моментално се вршат консултации со политичките партии, кои се во состав на Советот на Општина Тетово, со цел референдумот да биде успешен.
Од Антикоцкање истакнаа дека Предлог-законот за игри на среќа, кој предвидува обложувалниците и казината, да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри, во наредните два месеци, треба да се најде на дневен ред во Собранието и конечно да се изгласа.
Оттаму, додаваат дека голем дел од буџетот на државата се полни со даноците на казината. Но, како што велат, тие пари треба да останат во џебот на граѓаните, оти државата ни стана Лас Вегас и црна дупка на Балканот“.
Зоран Димовски
