Осум мртви во пукање во трговски центар во Тексас
Вооружено лице застрела осуммина и повреди уште неколку лица, од кои дел се во критична состојба, во трговски центар во Далас. Полицијата го усмрти напаѓачот. Смртоносен инцидент и во северна Калифорнија. Седумнаесетгодишна девојка е убиена, а петмина се ранети во пукање на забава во близина на универзитетски кампус...

Вооружено лице застрела осуммина и повреди уште неколку лица, од кои дел се во критична состојба, во трговски центар во Далас. Полицијата го усмрти напаѓачот. Според очевидци, меѓу жртвите имало и деца. При нападот бил пронајден член на обезбедувањето во несвесна состојба. Републиканците го контролираат законодавството во Тексас. Пиштол смеат да носат лица над 21-годишна возраст без да поседуваат дозвола, но под услов претходно да не биле осудувани. За поседување на пушки постојат многу мали ограничувања. Неделава полицијата уапси маж обвинет за пукање кон петмина соседи, меѓу кои имаше и деветгодишно дете.
„Видовме момче, облечено во црно, со елек, пушка и почна да пука по луѓето. Ги внесовме сите во продавницата, во задниот дел и седевме таму некое време. Излеговме по половина час.“
„Напаѓачот помина крај 5 до 10 продавници, пукаше цело време, стаклата им беа искршени. Видов и убиен чувар на објектот.“
„Бевме во продавница на „Конверс“ кога ги слушнавме истрелите. Мислев дека е пукањето е подалеку, но за неколку секунди, повторно звуци. Летаа искри како да е пред нас, па се вративме трчајќи во продавницата.“
Смртоносен инцидент и во северна Калифорнија. Седумнаесетгодишна девојка е убиена, а петмина се ранети во пукање на забава во близина на универзитетски кампус. Според полицијата, станува збор за изолиран случај без опасност за заедницата. Не се објавени информации за напаѓачот. Триесетина минути пред нападот, офицерите добиле повик на истата адреса и уапсиле лице кое се заканувало со огнено оружје. Осомничениот одговарал на описот на мажот кому му било кажано да напушти друга забава на која дошло до физичка пресметка. Во пукањето се уништени и неколку автомобили.
Од почетокот на годинава во САД се веќе регистрирани речиси 200 масовни убиства, што е рекорд од 2016 година. Американскиот конгрес не успеа да ја заостри политиката за контрола на оружјето и покрај притисокот и зачестените смртоносни напади. Традиционално, демократите бараат заострување на мерките, вклучувајќи забрана за пушки за напад, а републиканците се повикуваат на Вториот амандман од Уставот, нагласувајќи дека рестрикциите би биле контрапродуктивни. Покрај Конгресот, и судовите се тежок фронт каде што се војува битката. Во 2008 година, иако со мала разлика во гласањето, Врховниот суд за прв пат по седум децении пресуди дека на Американците не смее да им биде нарушено правото да поседуваат оружје коешто им е загарантирано со закон. Ставот на ова тело во кое и натаму доминираат претставниците на конзервативците останува речиси ист.
Маја С. Филдишев
