Охрид

Модерни моторни пловила за помало загадување на Охридското Езеро

07.05.2023 13:37

Во Регистарот на Охридската капетанија се евидентирани околу две илјади и шестотини пловни објекти, но таа бројка се однесува на пловилата на сите природни езера и акумулации во земјава, а не како што се мисли дека толку ги има во Охридското езеро. Многу пати досега еколозите посочувајќи го регистарот алармираа дека поради големиот број чамци и бродови се загадува езерото, меѓутоа од капетанијата велат дека вкупната слика е многу поинаква ако се знае дека регистарот се води од поранешна Југославија и дека голем број од пловилата одамна не се во употреба...

Неспорно е дека користењето на моторни чамци влијае негативно врз екосистемот на Охридското Езеро, но ни од далеку како што сакаат да прикажат некои еколошки здруженија, велат од Охридската капетанија. Анализите покажуваат дека во шпицот на летната сезона на македонскиот дел од езерото активно се користат околу 600 пловни објекти од 2.600-тините евидентирани во регистарот, кои во останатите 9 до 10 месеци главно се усидрени. Со цел да се минимизира загадувањето на езерото Капетанијата во соработка со Министерството за економија, Царината и другите служби подготвува нови правилници, усогласени со оние на ЕУ.

„Да се направат определени рестрикции согласно тие правилници во однос на увозот на пловила и мотори за пловила. Значи тоа ќе биде во некојаси блиска иднина координирано и ќе биде донесено како правилник којшто ќе служи при увоз на пловните објекти“, рече Горан Устијаноски, капетан на Капетанија на пристаништата Охрид.

Секоја година се зголемува бројот на бродови на езерото, а пристаништето одамна е претесно што влијае и врз безбедноста на патниците.

„Марина е единствен начин за излез од оваа состојба и тоа марина со којашто ќе бидат применети условно речено некои принципи за проектирање, на предвидување на трендот на зголемување или намалување,без разлика каков тренд. Значи да биде димензионирана за да не се создаде проблем за следните 20 години, туку таа да биде издржана за условно 40,50 години, да може да ги амортизира овие барања на луѓето“, вели Горан Устијаноски, капетан на Капетанија на пристаништата Охрид.

Државата мора што поскоро да го реши овој проблем. Покрај обезбедување на финансиски средства особено е важно да се изнајде соодветна локација за марина при што ќе се води сметка за препораките на УНЕСКО.

 

 

Сашо Нелоски