Србија

Трет ден жалост во Србија, Вучиќ вечерва ќе и се обрати на јавноста

07.05.2023 15:31

Во Србија денеска е трет ден на жалост поради трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград и масовното убиство во селата околу Смедерево и Младеновац. Граѓаните им оддаваат почит на жртвите од двете масовни престрелки. Сè уште во критична состојба дел од повредените...

Во Србија е трет ден на жалост поради трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград и масовното убиство во селата околу Смедерево и Младеновац. Граѓаните ширум Србија во тишина им оддаваат почит на жртвите од двете масовните убиства. Во Дубона денеска ќе бидат погребани три жртви. На белградските гробишта вчера беа погребани четворица ученици и чуварот во училиштето. Во Мало Орашје беа погребани пет млади луѓе. Состојбата на три деца сè уште е критична.

„Тројца се во критична состојба, но девојчето во Тиршова е во многу тешка состојба, за жал, правиме сè што можеме, со најискусните неврохирурзи, се плашам дека тука голем ефект нема да има, но правиме се како утре дека ќе биде здрава, па додека трае, нека трае!“- изјави Даница Грујичиќ, министерка за здравство на Р. Србија.

Србија која сè уште е во шок, во дебатите за причините на масовните убиства две работи се издвоија како важни. Едната се 760.000 парчиња оружје што го поседуваат граѓаните, а второто е нарушениот систем на вредности.

Во таа насока, согласно мерките на Владата, предложени од српскиот претседател Вучиќ, од утре почнува процесот на разоружување, што подразбира враќање на нелегалното оружје, мораториум за ново оружје, тестови и поостри казни.

Од утре во сите 1.800 училишта за време на наставата ќе бидат присутни полицајци, а додатно ќе се ангажираат 1.200 лица.

Утре почнува и наставниот процес, што ќе биде болна ситуација за учениците и наставниците, за што се препорачани комуникации во фамилијата, а препорачана е и психолошка поддршка и помош.

Во ОУ „Владислав Рибникар“ наставата постепено ќе продолжи следната недела, со подготовка на психијатри, психолози и други експерти.

По 25 интервенции во петокот и прегледот на 45.000 профили на социјалните мрежи, полицијата и вчера вршеше апсења на деца и нивните родители, кои се идентификуваат со најмладиот масовен убиец во светот, како што е девојчето кое се потсмеваше со жртвите од масакрот на ТикТок, тројца малолетници од Нови Сад на возраст од 15 и 16 години, за предизвикување на паника, трет случај имаше во Ниш, и повеќе други случаи на социјалните мрежи и симулирања на пукања на соучениците.

Опозицијата за утре најави протести за запирање на натамошното промовирање на насилството во медиумите и јавниот простор, како и разрешување на одговорните министри, а претседателот Вучиќ за вечерва најави ново обраќање на јавноста.

 

 

 

Оливер Бранковиќ