Македонија

Спасовски: Полицијата е херојот на нашето време, со најдобри резултати во последните 30 години

07.05.2023 19:16

Во присуство на претставници на Владата, Собранието, раководството на ИНТЕРПОЛ, министри за внатрешни работи и директори на полиции од регионот, дипломатскиот кор, претставници на локалната самоуправа и верските заедници, раководството на Министерството за внатрешни работи и бројни пријатели и гости се одржа централната прослава за одбележување на Денот на македонската полиција – 7 Мај...

Денеска со пригодна свеченост на сцената на Долни Сарај во Охрид, во присуство на претставници на Владата, Собранието, раководството на ИНТЕРПОЛ, министри за внатрешни работи и директори на полиции од регионот, дипломатскиот кор, претставници на локалната самоуправа и верските заедници, раководството на Министерството за внатрешни работи и бројни пријатели и гости се одржа централната прослава за одбележување на Денот на македонската полиција – 7 Мај.

Министерот за внатрешни работи во своето поздравно обраќање пред присутните, честитајќи го празникот на полицијата, се осврна на важноста и благородноста на полициската професија, поради која полициските службеници претставуваат херои на нашето време, секојдневно ризикувајќи ги своите животи за да ја заштитат заедницата и да го направат светот подобро место за живеење.

„Секој ден, во секој град низ целата земја илјадници полициски службеници вршат несебична, би рекол благородна работа, надвор од комфорот на домот и семејството, во непредвидливи услови и често опасни ситуации – за да ги заштитат граѓаните, за да ја зголемат безбедноста во државата. Во жестока пресметка со криминалот, спречувајќи ги кризите брзо и целосно, без чекање и двоумење. За жал, некои од нив, борејќи се за безбедноста на граѓаните и државата, ја дадоа и најскапоцената жртва – своите животи, поради што на овој ден со неизмерна почит се потсетуваме на нив и на нивната храброст, како вечна инспирација за сите нас!“, истакна министерот Спасовски притоа додавајќи дека да се биде полицаец, да се биде припадник на Министерството за внатрешни работи – претставува посебна чест и огромна одговорност.

Министерот Спасовски осврнувајќи се на изминатите шест години во кои тој со својот тим е на чело на МВР, потенцираше дека министерството се етаблираше како институција во која работат професионалци кои неуморно ги извршуваат своите обврски, непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против хибридните закани и тероризмот, се грижат за јавниот ред и мир и за секојдневните потреби на граѓаните, за чија ефикасност покажуваат конкретните резултати во борбата со криминалот.

Спасовски и за првите четири месеци од оваа година истакна дека вкупниот криминалитет е намален за 12,6% во однос на истиот период лани, во тек се осум национални и 12 локални оперативни акции од областа на класичниот и сериозниот криминал, а во моментот се постапува по 244 криминалистички истражувања.