Во Охрид се одбележа Денот на македонската полиција
7-ми Мај Ден на македонската полиција, секогаш на браникот на државната сувереност и сигурноста на граѓаните-гарантирајќи го мирот и безбедноста на секого – земјава е најбезбедна во Западен Балкан, во друштво на 36-те најбезбедни во светот – вели министерот Спасовски. Полицијата е херојот на нашето време, со најдобри резултати во последните 30 години – порача Спасовски во обраќањето на свеченоста во Долни Сарај во Охрид. Земјава е домаќин на 50-та јубилејна конференција на Интерпол...

Секое време има своја тежина и ниту една генерација не е заобиколена од предизвиците со коишто се соочува. Тие не познаваат ниту граници, ни држави, ниту нации, затоа од секој припадник на полицијата се очекува одговорноста кон професијата да ја покаже и докаже повеќе од било кога – порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Денот на полицијата, 7 Мај. Осврнувајќи се на постигнатите резултати, особено во намалувањето на криминалитетот, заплените и откривањето на криминални групи кои криумчарат, Спасовски рече дека тие се должат на добрата стратегија.
„Овие резултати се должат на добрата стратегија на која како МВР остануваме целосно посветени – дека полицијата може и мора да остане доследна на задачата за бескомпромисно чување на Законот, на редот и мирот и, секако, на безбедноста на сите наши граѓани, но и на онаа што како држава, членка на НАТО, ја имаме во исполнување на нашата европска агенда, со посветена и одговорна работа да останеме позитивен пример во одржувањето на добрососедски односи, со креирање на долгорочни партнерства за идните генерации“, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
Македонската полиција веќе е етаблирана и како кредибилен и респектабилен партнер за соработка на надворешен план, во областа на сузбивање на криминалот и подобрување на безбедноста. Минатиот месец почна и заедничката операција со ФРОНТЕКС на нашата јужна граница, во насока на справување со илегалната миграција. Како своевидно признание на сите бројни меѓународни активности на МВР, земјава е домаќин на јубилејната 50-та европска регионална конференција на Интерпол. Македонија 30-годишни е членка во ова глобално полициско семејство.
Дел од раководството на МВР потсети за реформите и активностите спроведени во министерството.
На Денот на македонската полиција оддадена почит и на полицајците кои се жртвуваа за безбедноста на граѓаните и државата, во спомен на нивната храброст, професионалност, пожртвуваност.
Сунчица Николоска
