Во Србија од денеска полиција во училиштата и предавање на илегалното оружје
Со засилено полициско обезбедување денеска почна наставата во српските училишта која беше прекината по масакрот во ОУ„Владислав Рибникар“. Почна и широка акција за предавање на илегалното оружје. Властите дадоа рок од еден месец, во спротивно најавуваат драконски казни. Српскиот министер за образование поднесе оставка...

Од денеска полиција во училиштата и предавање на илегалното оружје. Србија почна да ги спроведува заострените мерки кои ги најави претседателот Вучиќ по двете масовни убиства во Белград и Младеновац. Отсега е задолжително полициското присуство во сите училишта до крајот на наставата. Во Рибникар засега нема часови, за учениците од прво до четврто одделение е обезбеден само дневен престој. Наставата треба да продолжи од 10 мај. Група родители одбиваат да ги вратат децата во објектот додека не се изврши реконструкција на зградата. Учениците ќе добиваат поддршка и од психолози и психијатри.
„Ги повикувам родителите и граѓаните да пријават кај школскиот полицаец доколку знаат за какво било проблематично однесување или случај кој ја загрозува безбедноста на учениците и училиштата. Слободно контактирајте со него, а ние ќе преземеме натамошни мерки пропишани со закон и во согласност со нашата надлежност“, изјави Жељко Бркиќ, државен секретар во МВР.
Масакрите кои се случија во мал временски интервал ја активираа дебатата за контрола на оружјето. Српското МВР ги повика граѓаните кои поседуваат нерегистрирано оружје да го предадат најдоцна до 8 јуни за да избегнат кривична одговорност и докажување на потеклото на истото.
„Имате еден месец да ги доставите вашите нелегални оружја и муниција без никакви последици. Ги молам луѓето само да отидат во полициска станица и да го остават, тоа е сè!“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Министерот за образование Ружиќ поднесе оставка неколку дена по трагедијата во основното училиште „Владислав Рибникар“, во која 13-годишен ученик уби осум ученици и чувар. Дел од повредените сè уште се во тешка здравствена состојба. Напаѓачот од Младеновац и таткото на детето кое усмрти соученици во „Рибникар“ се во притвор, а 13 годишникот е во соодветна здравствена установа.
Маја С. Филдишев
