Надлежните не ја отфрлаат можноста за ограничување на „Тик-ток“
Надлежните ќе ги проценуваат потенцијалните ризици кај учениците употребата на апликацијата „Тик-ток“ и ќе се анализира дали е потребно нејзино забранување. Масовните убиства во Србија, го вклучија црвениот аларм во земјава. Закажани итни состаноци во училиштата за подобрување на безбедноста. Тим психолози и педагози ќе работат на справувањето со врсничкото насилство...

Образовните власти не се откажуваат од идејата за ограничување на социјалната мрежа „Тик–ток“ во основните и средните училишта. На состаноците со надлежните институции прават проценти какви содржини има на „Тик–ток“ и како се користи апликацијата. Доколку безбедносните служби потврдат дека видеата се со несоодветни содржини за децата, во соработка со Министерството за информатичко општество и агенцијата за електронски комуникации ќе се разгледа можноста за ограничена употреба на апликацијата. Се анализира и начинот на користење и на другите социјални мрежи
„Ако можеме од овие институции, кои се дел од информатичкото општество, да имаме конкретни ограничувања во начинот на отворање, во начинот на потврда на податоците, внесување на некои податоци. Мислам дека ќе ги разгледаме сите можности. Заради тоа што, не само во нашата земја и во други земји се разгледуваат овие можности“, изјави Јетон Шакири, министер за образование и наука.
Забраната на „Тик–ток“ во земјава ништо значајно нема да промени – вели за МТВ комуникологот Кордалов. Во ова дигитално време, доколку не постои „Тик-ток, децата ќе користат друга платформа.
„Забраната може да биде важна за да се надминат некои последици, за да не се шират некои содржини коишто можат да влијаат понегативно, но во никој случај нема да го решат проблемот одобрено не во делот на денот. И размислувањето за земање на телефоните тоа не е нова идеја. Што ќе правите со родителите што ќе сакаат да слушнат и да видат дека нивото дете е добро под број еден. И, под број два, ние за пет или десет години, а може и порано, ќе разговараме како да ги ставиме во погон овие мобилни телефони ама да бидат во интерес на наставата“, вели Бојан Кордалов, комуниколог, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.
Кордалов додава, во западните земји секоја година се случуваат дигитални реформи и на оваа проблематика работат на дневна основа. Со промени, ние доцниме повеќе од една деценија. Кога се прават реформи, надлежните институции на терен треба да ги согледаат проблемите, бидејќи работите не се менуваат преку медиумите.
За поголема безбедност во училиштата, образовните власти имаа состанок со стручните лица. Отворена е електронска адреса за пријавување насилство и на неа веќе пристигнале десетина пријави од ученици.
Андријана ѓурческа
