Над една третина од учениците не се чувствуваат безбедно на училиште, дигиталното насилство е најчесто
Дури 27 проценти од учениците се изјасниле дека нема на кого да пријават врсничко насилство, покажува анализата спроведена во училиштата во земјава. Универзитетски професори бараат засилени безбедносни мерки во училиштата и заострување на законите за поседување оружје…

Дигиталното насилство е најчест облик на насилство со кој се соочуваат децата. Ова го покажало истражување на професорите од Филозофскиот факултет. Над една третина од учениците рекле дека не се чувствуваат безбедно на училиште, иако, не секогаш го идентификуваат насилството. Кога тоа ќе се случи неколку пати, децата повеќе не сакаат да одат на училиште. Женските деца почесто вршат психичко насилство, но и се жртви на истото. Дванаесет проценти од машките признале дека извршиле физичко насилство, а 24 проценти биле жртви.
Професорите предлагаат зголемување на безбедност во училиштата, но и серија други мерки. Предлагаат МВР да направи контрола на лесно и мало оружје коешто го поседуваат граѓаните, да се зајакне обезбедувањето на училиштата и координацијата меѓу институциите.
И јавниот обвинител Јовески забележал намалување на возрасната граница на сторители на тешки кривични дела во постапувањата во нашата држава. Тој повика на мобилизација за поефикасна контрола на оружјето и побара обвинителите да инсистираат на построги казни за недозволено изработување, држење и тргување со оружје.
Наташа Јанчиќ Менковски
