Евроинтеграции

Процедурата за уставни измени да почне што поскоро, за да се стигне рокот во ноември

08.05.2023 14:10

Процедурата за уставните измени да почне пред летниот распуст на пратениците, за да се стигне рокот во ноември, предупреди вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Во работната група нема претставници на ВМРО-ДПМНЕ, и оттука е нејасно како ќе се стигне до потребното двотретинско мнозинство. Партијата останува на ставот дека овој пратенички состав нема мандат да го менува Уставот…

Процедурата за уставните измени да почне пред летниот распуст на пратениците, за да се стигне рокот во ноември, предупреди вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Тој очекува многу скоро, работната група да го изготви текстот на амандманите што потоа ќе оди на дебата и во собраниска процедура.

Во работната група нема претставници на ВМРО-ДПМНЕ, и оттука е нејасно како ќе се стигне до потребното двотретинско мнозинство. Партијата останува на ставот дека овој пратенички состав нема мандат да го менува Уставот и затоа, од овие околности, нивните пратеници нема да дадат поддршка.

Од друга страна, Маричиќ вели дека насоката до претставниците на Секретаријатот за европски прашања и СДСМ во работната група е да се држат исклучиво до тоа што го бара преговарачката рамка.

Во текот на дебата, тој очекува да се разговара за сите легитимни прашања. Претседателка на работната група е поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска.

Марија Котовска