Спасовски: ИНТЕРПОЛ e клучна организација за обезбедување на глобалната безбедност
Нашата посветеност кон ИНТЕРПОЛ се одразува во бројните активности на национално, регионално и глобално ниво, рече министерот Спасовски, а нашите заложби се насочени кон размена на круцијалните податоци за поддршка на истрагите ширум светот...

Трите децении од нашето членство во најголемата полициска организација во светот се сведоштво за нашата посветеност и подготвеност за активна глобална полициска соработка, континуирана размена на идеи, оперативни податоци и заеднички активности чија цел е глобална безбедност преку поврзување на полициите во едно глобално полициско семејство, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференцијата по отворањето на јубилејната 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ што се одржува во Охрид од денеска до 10 мај.
„ИНТЕРПОЛ e клучна организација за обезбедување на глобалната безбедност, наш сериозен партнер за соработка, за размена на информации и обезбедување на синергии меѓу многуте глобални и регионални напори и иницијативи. Како членка на ИНТЕРПОЛ, нашата држава меѓу првите се поврза со глобалното полициско семејство, со цел размена на информации помеѓу членките и Генералниот секретаријат, како и директен пристап до глобалните криминалистички бази на податоци. Но, ние како држава и придонесуваме кон меѓународната полициска соработка која оваа организација ја негува. Ова се остварува преку континуирани активности на работните групи и динамично учество во тековните проекти, како и користење на сервисите и алатките кои се достапни до сите 195 држави членки на ИНТЕРПОЛ“, рече министерот Спасовски.
Нашата посветеност кон ИНТЕРПОЛ се одразува во бројните активности на национално, регионално и глобално ниво, рече министерот Спасовски, а нашите заложби се насочени кон размена на круцијалните податоци за поддршка на истрагите ширум светот. Континуирано се фокусираме кон аплицирање на модерни методологии што ќе обезбедат исклучителна и ефикасна превенција, примена на најиновативни решенија за полициските и безбедносните прашања, а со тоа и зајакната борба против глобалниот криминал.
Со оглед на активноста што МВР ја има на полето на регионалната и меѓународната соработка, како и на спроведените сериозни реформи во институцијата, рече Спасовски, можеме да се пофалиме со намалување на криминалитетот и постигнати најдобри резултати во последниве 30 години во справувањето со современите безбедносни предизвици, како што се недозволената трговија со дрога и оружје, нелегалната миграција и криумчарењето на мигранти, трговијата со луѓе и слично, што придонесе да бидеме оценети како кредибилен партнер за соработка и пример во регионот.
Генералниот секретар на ИНТЕРПОЛ Јурген Шток рече дека на 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ делегатите ќе разговараат за низа сложени закани за јавната безбедност во Европа и пошироко, од организиран криминал до компјутерски криминал.
„Ова ви дава само краток преглед на тоа како ИНТЕРПОЛ им помага на нашите земји-членки. И оваа седмица, за време на Регионалната конференција, ќе разгледаме на кои начини можеме да обезбедиме уште подобра поддршка во иднина за справување со криминалот како што се трговијата со луѓе, трговијата со дрога, компјутерскиот криминал и еколошкиот криминал“ рече Шток.
