Охрид

50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ

08.05.2023 14:29

Сведоци сме на тоа како глобализацијата, дигитализацијата и технолошкиот развој ги придвижуваат глобалните промени, истовремено продуцирајќи и софистицирани криминални предизвици за кои е неопходен заеднички пристап и обединети напори, а ИНТЕРПОЛ е клучна организација за обезбедување на глобална безбедност со амбициозна визија за побезбеден свет. Ова на отворањето на јубилејната 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ го рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски при што посочи дека нашата држава е безбедна и покрај актуелните случувања во соседството...

Најновите геополитички случувања во светот бараат од нас сериозен заеднички одговор на предизвиците кои не тангираат сите нас, без исклучок. Поради тоа борбата против сите современи глобални предизвици е зајакната, поуспешна и поефикасна токму преку глобалниот и регионалниот пристап, активната оперативна соработка и заедничките стратегии за делување. Ова на отворањето на јубилејната 50-та Европска регионална конференција на Интерпол во Охрид го рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој посочи дека се спроведуваат амбициозни и сериозни реформи за намалување на криминалитетот и дека актуелните случувања во земјите од регионот не влијаат врз нашата стабилност и безбедност.

„Едно е многу значајно и важно, дека мора да се преземаат системски чекори коишто ќе гарантираат развој правилен на општеството. Тоа е многу важно за развојот на децата, развојот на образовниот систем, унапредување на образовниот систем, јакнењето на јавната свест во делот на безбедноста. Многу е важно приватниот сектор и јавната безбедност да се стават во функција на државата заради тоа што и приватните агенции за обезбедување се дел од јавната безбедност“, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

ИНТЕРПОЛ ја следи состојбата со заканите на глобално ниво и можам да кажам дека вашата држава е безбедна земја, рече генералниот секретар на ИНТЕРПОЛ, Јирген Шток.

„Се повеќе криминални дејствија се префрлаат на сајбер арената и тоа е буре без дно. И сега низ континентот има криминални картели и организирани групи, така што ние мораме да возвратиме со иста таква организација, а ние имаме силен партнер во Македонија. Тоа е многу важно, бидејќи се работи за транзитна земја за незаконско тргување со луѓе и стоки“, истакна Јирген Шток, генерален секретар на ИНТЕРПОЛ.

Одговарајќи на новинарско прашање околу можноста за руско влијание во земјава, Шток рече дека политичките прашања се вон мандатот на ИНТЕРПОЛ и дека за размените на полициски информации со Русија одлучуваат самите членки, ценејќи колку тие ќе им користат.

 

Сашо Нелоски