Руско - украински конфликт

Битки во Бахмут, напади врз Киев, Москва се подготвува за Денот на победата над фашизмот

08.05.2023 14:47

Големи руски напади врз Киев, Одеса, Харков, Керсон, Миколаев. Украинската противвоздушна одбрана уништила 35 ирански беспилотни летала „Шахид“. Засилени се и гранатирањата на Бахмут. Киев тврди оти Москва се надева дека ќе го освои градот пред денот на победата...

Москва почна големи напади врз Киев, оштетени се складишта за гориво, автомобили, згради и инфраструктура, има повредени. Руски проектили запалија складиште за храна во Одеса на Црно Море, нападнати и Харков, Керсон, Миколаев. Украинската противвоздушна одбрана уништила 35 ирански беспилотни летала „Шахид“.

„Звуците беа страшни, никогаш не сум слушнала такво нешто. Најлошото е што веќе научивме да живееме со тоа“, вели Наталија Хаврилук, локален жител.

„Беспилотните летала „Камиказа“ летаа во правецот кон нашиот роден град и благодарение на противракетниот систем сите беа соборени“, информираше градоначалникот на Киев, Витали Кличко.

Се интензивираат и нападите врз цели под контрола на Русија.Украина тврди дека уништувањето на непријателската инфраструктура е подготовка за долгоочекувана контраофанзива. Властите инсталирани од Москва ги евакуираат жителите на Токмак, град на фронтот во јужниот регион Запорожје, објави Генералштабот на Украина.

„Руските напаѓачи вршат таканаречена евакуација на локалните жители од привремено окупираниот Токмак, во регионот Запорожје. На бензинските пумпи се забележани редици за гориво, сите возачи се информирани дека не се планирани нови испораки на гориво“, изјави Андриј Ковалев, портпарол на Генералштабот на вооружените сили на Украина.

Засилени се и гранатирањата на Бахмут. Киев тврди оти Москва се надева дека ќе го освои градот пред Денот на победата. За одбележување на 9 мај во многу региони се откажани поворките поради загриженост дека би можеле да бидат цел на украински напади.

„Знаете дека одлуката да не се одржи поворката низ целата земја беше донесена од организаторите, но од друга страна, тоа е сосема разбирливо. Кога имаме работа со држава која е де факто спонзор на тероризмот, подобро е да се преземат мерки на претпазливост“, изјави Дмитриј Песко,  портпарол на Кремљ.

Украинскиот претседател со предлог-закон за назначување на 8 мај како Ден на сеќавање и победа над нацизмот, со што се крши советската традиција која го прославуваше Денот на победата на 9-ти мај. Според Кремљ, и покрај предлогот, луѓето во Украина сепак ќе го прослават Денот на победата.

Маријана Димовска