Собрание

Помалите политички партии бараат една изборна единица

08.05.2023 15:16

Помалите ги ставија поголемите партии на тест. Обединети побараа измени на изборниот законик за формирање една изборна единица. Според нив, тоа ќе значи демократизација на општеството и разбивање на постоечкиот монопол. Но, ДУИ го условува тоа со изборен праг од пет проценти. Малите се сомневаат дека интегративците заедно со СДСМ го кочат процесот, овие бараат широк консензус, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека социјалдемократите и интегративците играат добар и лош полицаец...

Пратениците од помалите партии застапени во парламентот инсистираат измените на Изборниот законик да се стават на пленарна седница. Едногласни се во барањето земјава да биде една изборна единица, без изборен праг и со отворени листи. Од ДОМ најавија и можност за напуштање на владејачкото мнозинство доколку до крајот на јуни не се расправа на оваа тема.

Од СДСМ велат дека принципиелно стојат зад предлогот за една изборна единица, како дел од нивната изборна програма, но сметаат дека е најдобро преку размена на аргументи во работната група на Министерството за правда да се дојде до консензус.

ДУИ предлага една изборна единица со изборен праг од 5 насто и отворени листи, со цел да се обезбеди политичка стабилност и застапеност на сите етникуми во Законодавниот дом.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека ДУИ и СДСМ глумат добар и лош полицаец. Тие се за една изборна единица, но ќе ги чекаат понудите на владејачките партии за изборниот праг и отворените листи.

Предлог-измените во Изборниот законик беа поднесени пред повеќе од две години. Поминаа во работните тела, но не и на пленарна собраниска седница.

 

Игор Панов