Јавна седница за случајот „ТНТ“, одбраната тврди дека првостепениот суд направил грешки во пресудата
Во Апелацискиот суд јавна седница за случајот „ТНТ“ кој се однесува на на бизнисменот Фијат Цаноски. Одбраната тврди дека првостепениот суд направил крупни грешки во пресудата која сама по себе е нејасна и неразбирлива. Побараа повисокиот суд да ги укине пресудите или предметот да го врати на повторно одлучување...

Нејасна, неразбирлива и полна со грешки. Вака поранешниот министер за транспорт и врски, а сега обвинет, Миле Јанакиески, ја искоментира првостепената пресуда за случајот „ТНТ“. Во жалбата пред Апелација рече дека иако бил осуден на три години затвор во кои се засметува и притворот, во писмената верзија судот казната му ја зголемил за половина година без да се наведе ни збор за притворот. Јанакиески рече дека 36 одлуки, пресуди и решенија на судовите со кои се потврдува дека уривањето на „Космос“ било законито, не биле земени предвид, а Уставниот суд пресудил дека Фијат Цановски не бил дискриминиран по основ на политичка припадност.
Одбраната тврди, со пресудата не е јасно кој е всушност оштетен, а има и грешка каде што вештаците на обвинителството се наведени како вештаци предложени од одбраната. Посочија и дека 248 докази изведени на главната расправа, воопшто не се спомнати во пресудата.
Основниот суд најстрого го казни поранешниот премиер Никола Груевски изрекувајќи му затвор од 9 години, додека ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски доби 4 години затвор. Исто толку доби и градежната инспекторка Елисавета Најдоска, додека тројца општински службеници беа ослободени.
Анита Димитријевска Велковска
