Македонија

Маричиќ: Со уставните измени си гарантираме придобивките од ЕУ и ги завршуваме обврските кон кој било од соседите

08.05.2023 19:30

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на денешното воведно излагање на панел дискусијата „Патот до 2030“ истакна дека уставните измени треба да се направат оваа година и дека треба да се перципираат како последна обврска којашто е поврзана за билатералните спорови со соседите...

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на денешното воведно излагање на панел дискусијата „Патот до 2030“ истакна дека уставните измени треба да се направат оваа година и дека треба да се перципираат како последна обврска којашто е поврзана за билатералните спорови со соседите, во однос на нашиот Устав и во однос на нашиот систем.

-Сè понатаму што го имаме како разлика со соседите, може да го решаваме и билатерално преку инструментите на билатералните договори, но и во рамките на оние теми коишто ги покрива Европската Унија, преку преговорите, како што се: Заштита на правата на малцинските групи и заштита на човековите права и дискриминација, од Поглавјето 23. Постои историска комисија со Бугарија, при што исто така треба на мир и без политички притисоци да се разговара и одлучува, рече Маричиќ додавајќи дека очекува нова ера на односите, и со Бугарија, но и на контекстот во којшто разговаравме со Европската Унија по завршување на овие уставни измени.

На прашањето, дали е возможно до 2030 година да станеме членка на Европската Унија и Северна Македонија, но и регионот, Маричиќ рече дека е можно, но ако на тоа работиме уште од денес и ако дејствуваме заедно на истата цел, укажувајќи дека првиот чекор е подавањето рака со Европската Унија за да се потврди дека целта на овој процес е членство, и дека тоа членство е достижно да се служи до крајот на оваа декада.

Главниот преговарач со ЕУ Маричиќ посочи дека уставните измени е важно да бидат направени годинава, а не по три години, како што мислат во опозицијата, бидејќи после три години не знаеме како ќе изгледа Европската Унија, не знаеме како ќе изгледа Западниот Балкан и немаме идеја во која фаза ќе бидат веќе Србија, Црна Гора и Албанија, коишто нема сигурно да запрат со преговорите заради Северна Македонија.

На крајот од своето обраќање вицепремиерот побара новите формати на Европската Унија да бидат поотворени за земјите од Западен Балкан, на кои има простор да се разговара и да се отвораат прашањата, но ниту едно од тие не треба да биде перципирано како замена за членството.

Панел дискусијата, организирана од Министерството за надворешни работи, беше настан на третото издание на Преспа форум дијалогот 2023 кој треба да се случи во јуни.