Најмалку 30 повредени во тешката сообраќајка помеѓу воз и автобус на патот Штип- Велес

13.05.2014 10:14

Дописниците на МРТ од терен известуваат дека патниците во автобусот биле видно потресени и вознемирени, полесно повредените им помагале на потешко повредените...

Воз удри во автобус на патот Штип- Велес. Последните информации велат дека се повредени триесеттина патници, дел се пренесени во штипската, а шеснаесетмина во велешката болница.
 
Тешката сообраќајна несреќа се случи утрово околу 7 часот меѓу шинобус-воз и автобус кој превезувал 40 патници на релација Струмица- Скопје, во близина на бензинската „Мики петрол“ на патот Штип-Велес, во близина на Лозово. 
 
Дописниците на МРТ од терен известуваат дека според првичните информации на директорот на „МЖ Трнаспорт“ комплетната сигнализација на пругата била во целосна функција, што значи дека семафорот бил вклучен, а рампата спуштена. 
 
Патниците во автобусот биле видно потресени и вознемирени, полесно повредените им помагале на потешко повредените. Извлекувањето на една патничка која била исфрлена надвор од возилото било најдраматично, а сите паници помагале во нејзниото извлекување. 
 
Се чека истрагата да покаже како дошло до оваа тешка сообраќајна несреќа. 
 
Како што информираат од болницата во Велес, тројца со потешки телесни повреди се испратени во Скопје. Од нив, еден е неконтактибилен, а другите се со повреда на кичмата и ребрата. Двајца се пуштени на домашно лекување, а останатите се на хирургија и им се спроведуваат прегледи.
 
Меѓу повредените е и една бремена жена која е во добра состојба. 
 
Повредените патници се надвор од животна опасност. 
 
Поради несреќата сообраќајот на овој дел од Овчеполието е пренасочен кон Куманово.