Македонија

Ковачевски-Блинкен: Стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија се продлабочува

09.05.2023 09:23

САД гледаат цврст пријател во Македонија, која е многу ценет сојузник во НАТО во време кога тоа навистина значи, и благодарни сме на солидарноста, лидерството за Украина, за дадената помош за нејзина одбрана од руската агресија, изјави синоќа државниот секретар Ентони Блинкен. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски деновиве е во официјална посета на Вашингтон и пред средбата со неговиот американски колега што синоќа се одржа во Стејт департментот, двајцата дадоа изјава за новинарите...

САД гледаат цврст пријател во Македонија, која е многу ценет сојузник во НАТО во време кога тоа навистина значи, и благодарни сме на солидарноста, лидерството за Украина, за дадената помош за нејзина одбрана од руската агресија, изјави синоќа државниот секретар Ентони Блинкен.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски деновиве е во официјална посета на Вашингтон и пред средбата со неговиот американски колега што синоќа се одржа во Стејт департментот, двајцата дадоа изјава за новинарите.

- Односите меѓу Соединетите Држави и Македонија се повеќестрани, силни и пред сè, засновани на вредности, истакна премиерот Ковачевски.

Toj рече дека „благодарејќи на ова стратешко партнерство, Македонија во изминатите децении е во можност да донесе мошне тешки, но храбри одлуки, и овие визионерски одлуки ја внесоа земјата во НАТО, овозможија отворање на пристапните преговори со Европската Унија и претседавање со ОБСЕ во текот на најтешката година во Европа по Втората светска војна“.

Блинкен од своја страна истакна дека САД длабоко го ценат лидерството на Македонија во „ова мошне тешко време за ОБСЕ, и со тоа влијаат позитивно на состојбите“.

- Претстојат обемни разговори за сè што споменав, но и за подобрување на такви нешта како поголема енергетска сигурност во регионот и за Македонија. Работи што треба да се завршат и се мошне витални во борбата со лажната информација и дезинформацијата, изјави Блинкен.

Ковачевски рече дека САД и Република Македонија споделуваат исти системи на вредности.

- Затоа ние стоиме зад нашата одлука да ја поддржиме Украина во нејзината борба за слобода и во нејзините напори да го зачува суверенитетот и територијалниот интегритет. Затоа ја израмнивме на 100 отсто нашата надворешна политика со надворешната политика на Европската Унија на првиот ден од бруталниот напад на Русија врз Украина. И се докажавме како сигурен партнер на НАТО, изјави Ковачевски.

- Македонија ги цени САД како близок и сигурен пријател, како НАТО сојузник и сигурен партнер на нашиот пат кон членство во Европската Унија, и признава дека се фактор на стабилност во регионот, додаде македонскиот премиер.