МСМЈЛК

Петнаесет години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Риека со над 2.000 студенти

09.05.2023 09:25

Значаен јубилеј за македонистиката – петнаесет години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека, Хрватска. Токму на овој лекторат, во текот на првите децении на XXI век, најголем број студенти посветено ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, надвор од нашата држава. Од 2008 година до крајот на академската 2021/2022 година, низ Лекторатот минаа повеќе од 2.000 студенти...

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), заеднички со Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека го чествува значајниот јубилеј, со заложби за натамошните перспективи за развој на македонистиката во Хрватска. Во чествувањето на јубилејот, поддршка доаѓа и од македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и од Македонското културно друштво „Илинден“.

„Петнаесет години, можеби не е многу при развојот на една универзитетска и факултетска, образовна единица. Но, ако се има предвид што сè е постигнато од Лекторатот по македонски јазик во Риека во текот на неговиот досегашен развој, бројноста и квалитетот на македонистичкиот кадар произлезен од студиите и оствареното со активностите за афирмација на македонистиката надвор од наставата, заклучокот е неспорен: постигнато е многу повеќе отколку што може и да се замисли и да се очекува за период од деценија и половина. Остварени се резултати за кои на некои универзитетски центри се потребни и неколку децении. Затоа, должни сме со чествувањето на овој јубилеј и да го валоризираме она што досега е сработено, но и да ги трасираме патеките за натамошното развивање на македонистичките студии во Риека“, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа и напоменува дека овој лекторат е изграден врз темелите поставени во 1980 година, кога започнува изучувањето на македонистиката на Универзитетот во Риека, најпрво на Педагошкиот факултет. „Оттука, одбележуваме над четириесет години развој на македонистиката во Риека, од кои петнаеет години со лекторат кој е еден од најдобрите примери за афирмација на македонистиката на странски универзитетски центар“, нагласува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Во Риека, македонистиката започнува да се изучува во 1980 година, кога по препорака на тогашниот раководител на студиите по македонски јазик и литература на Универзитетот во Загреб, проф. Петар Кепески, за предавач по македонистичките предмети на Педагошкиот факултет во Риека е избран проф. Горан Калоѓера. Во текот на првите две години од воведувањето на студиите, наставата по македонски јазик ја остварувал проф. Борислав Павловски, додека предметите кои се однесувале на македонската литература и култура ги предавал проф. Калоѓера, кој потоа, во целост ги води македонистичките студии. Забрзаниот развој на македонистиката во Риека се случува со отворањето на Лекторатот, кое следи само десет години по основањето на тамошниот Филозофски факултет. Иницијативата за отворање на Лекторатот ја покрена акад. Горан Калоѓера, со заложби и на тогашниот ректор на Универзитетот во Риека, проф. д-р Перо Лучин и на проф. д-р Данијел Рукавина, а се оствари со заложби и на УКИМ и МСМЈЛК при УКИМ, на македонската држава и на нејзината дипломатија. Прв лектор по македонски јазик во Риека беше проф. д-р Васил Тоциновски, а по неговите стапки продолжија м-р Ана Азеска и актуелната лекторка – м-р Биљана Стојановска.

Петнаесетте години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Риека ќе се чествуваат со низа свечености и активности на тамошниот Филозофски факултет, неделава – на 10 и 11 мај. Овој јубилеј се надоврзува и на уште два други јубилеја – 25 години од Филозофскиот факултет и 50 години од основањето на Универзитетот во Риека.

Инаку, Хрватска е една од земјите во кои на високообразовните институции, македонистиката постојано се развива. Покрај на Универзитетот во Риека, македонистиката повеќе од пет децении, непрекинато се развива и на Универзитетот во Загреб, каде во последниов период, со неа раководи проф. д-р Ивица Баковиќ и која се развиваше и се развива под палката на проф. д-р Борислав Павловски и проф. д-р Борјана Прошев-Оливер, како и на Универзитетот во Осиек, каде особен влог има остварено акад. Златко Крамариќ. Настава по македонистика е остварувана и на Универзитетот во Задар, каде влог оствари проф. д-р Августина Гулеска-Хајдиќ.