Киев најави нов безбедосен концепт по новиот руски напад во текот на ноќта
Русите лансираа проектили врз главниот град на Украина. Киев тврди дека биле соборени и најави нов безбедносен концепт. На денот на Европа, Фон Дер Лајен во посета на Киев, Москва ја одбележа победата над фашизмот со свечена парада и говор на претседателот Путин...

Активирани сирените за воздушна опасност во киевскиот регион, централните и источните делови на Украина. Нов руски напад во текот на ноќта. Бахмут останува меѓу главните жаришта. НАТО ја зголеми борбената готовност на своето воено воздухопловство во Црно Море поради дејствата на руската воена авијација во близина на полскиот патролен авион.
„Светот треба да види дека една слободна нација е способна да си ја брани слободата од окупаторите. Ако можеме ние, можат и другите доколку дејствуваат храбро, прецизно и со истата обединетост со другите слободни нации. Му се заблагодарувам на секој војник кој ни го даде овој резултат“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Претседателката на ЕК во посета на украинската престолнина на Денот на Европа. Брисел сака да издвои повеќе од 500 милиони евра за зголемување на производството на муниција за помош на Киев, но и за обнова на залихите на земјите членки на Европската Унија. Во Москва, парада на Денот на Европа, 78-годишнината од победата над фашизмот. Рускиот лидер Путин, традиционално со говор на Црвениот плоштад.
„Денес цивилизацијата е повторно во решавачки пресвртен момент. Против нашата земја се води вистинска војна, но ние го одбивме меѓународниот тероризам. Ние ќе ги штитиме жителите на Донбас и ќе ја гарантираме нашата безбедност“, изјави Владимир Путин-претседател на Русија.
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун, тврди – Русија ќе победи против империјалистите. Пјонгјанг го поддржа анектирањето на украинските делови од страна на Кремљ, што според повеќето членки на ОН беше незаконски потег. Генералниот секретар на Организацијата Гутереш засега не гледа простор за мировни преговори меѓу завојуваните страни.
Маја С. Филдишев
