Градежните компании ќе ги зголемат платите на работнците до 70%
13.05.2014 10:40
Претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Сеад Кочан вели дека големите инфараструктурни проекти што ги финансира државата не само што ќе отворат нови работни места туку и ќе помогнат за раст на платите ...

Градежните компании во потрага по квалитетен кадар. Дел од неодамна објавените огласи за 1.500 луѓе за изградба на автопатиштата се веќе затворени. Според информациите од компаниите, на огласите се пријавиле најмалку три пати повеќе луѓе од тоа што е потребно, што покажува дека се враќа атрактивноста на градежниот сектор, што пак значи можност за зголемување на платите, пишува порталот „Економски лидер“.
Претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Сеад Кочан вели дека големите инфараструктурни проекти што ги финансира државата не само што ќе отворат нови работни места туку и ќе помогнат за раст на платите на градежните работници и до 70%.
„На огласот што го објави Трансмет се пријавија 800 лица, а ние баравме околу 200 работници, но не знаеме дали тие што конкурирале се без работа или бараат подобра и поплатена работа.Факт е дека квалификуваните работници веќе бараат поголеми плати а факт е и дека работниците веќе добија на цена, некои ќе се зголемат и за 70%“, вели Kочан за „Економски Лидер“.
