Одбележување

Чествување на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

09.05.2023 12:29

78 години од победата над фашизмот и 73 години од иницијативата на Европската унија. Како што успеавме да станеме членка на НАТО, така ќе успееме да станеме членка и на ЕУ, порака од вицепремиерот Маричиќ. Ние сакаме да сте со нас, нашата визија е заедничка, рече евроамбасадорот Гир...

Благодарност до борците кои го дадоа својот живот во антифашистичката војна-изрази потпретседателот на Сојузот на борците Буревски на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Тој истакна дека борбата на македонскиот народ по многу нешта била специфична, Македонците се бореа за слобода и за зачувување на националниот идентитет.

Ја славиме храброста, мирот, помирувањето, стабилноста, одаваме почит на тие кои не бранеа од најголемото зло на минатиот век, фашизмот-рече вицепремиерот Маричиќ, и додаде дека споделувањето на европските вредности не зближува со европските партнери и стратешки сојузници. Македонија припаѓа на ЕУ-порача вицепремиерот и истакна дека ова е прва година како државата го одбележува Денот со почнати пристапни преговори. Вицепремиерот Груби пак посочи дека за време на антифашистичката војна биле храбри лидери, а такви се потребни и денес за да носат тешки одлуки со цел да обезбедат мир и стабилност.

Се слави визијата за мирна и просперитетна Европа, се потсетуваме на историјата на конфликти на континентот, ги славиме оние кој ги создадоа идеалите за обединета Европа-рече во своето обраќање евроамбасадорот Дејвид Гир.

Вршителот на должноста на амбасадор на САД, Ерик Маер посочи дека војната агресија на Русија врз Украина и човечкото страдање со ништо не можат да се оправдат.

 

Марина С. Тонева