Нема спомен обележје на загинатите во „Диво Насеље“
Во Куманово се одбележуваат осум години од престрелките во „Диво Насеље“. Загинаа осуммина припадници на полицијата, а дури 37 беа повредени. Кумановци се сеќаваат на деновите кога се слушаа пукотници, звуците на сирените на итната помош, хеликоптерите. Велат никогаш да не се повтори. Општината најавуваше но досега не се изгради спомен обележје на загинатите...

Осум години од оружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“. Во акцијата којашто траеше два дена загинаа осум припадници на безбедносните сили, а 37 беа повредени. Куманово два дена живееше во страв и неизвесност. Граѓаните сè уште се сеќаваат на утрото кога го слушаа надлетувањето на хеликоптерот, возилата на итната помош и полицијата. Дел од улиците беа затворени, градот речиси празен, а фабриките и пазарот затворени. Осум години подоцна соживотот во Куманово функционира нормално, мирно, без поделби. Домовите се обновени, но сеќавањата останати. Кумановци велат никогаш да не се повтори.
Традиционално во Соборниот храм „Свети Никола“ се одржа панихида, која ја организираше Здружението на бранители.
„Овие луѓе тотално се заборавени од државата, од институциите на Република Македонија, од општината Куманово. И после осум години немаме никакво обележје за тоа дека осум македонски синови го положиле својот живот во одбрана на Куманово и на Р. Македонија“, изјави Александар Пандов, претседател на патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ.
Општинските власти изминатите години најавуваа дека загинатите припадници на македонската полиција ќе добијат спомен обележје.
Во престрелките во „Диво Насеље“ животот го загубија припадниците на безбедносните сили, Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно беа одликувани со медали за храброст.
Елена Георгиева
