Средби во Вашингтон

САД остануваат стратешки партнер, поддршката продолжува и во периодот што претстои

09.05.2023 13:03

Стратегискиот дијалог со САД, енергетската безбедност, европскиот пат на Македонија биле темите на средбата на премиерот Димитар Ковачевски со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Стејт Департментот во Вашингтон. Блинкен ја пренел недвосмислената поддршка на претседателот Бајден на нашата држава. Претходно Ковачевски потпиша меморандум за справување со дезинформациите со координаторот Џејмс Рубин, се сретна и со американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, а имаше и средби со македонската дијаспора во САД…

Борбата против корупцијата била приоритет во разговорот на средбата на македонскиот премиер Ковачевски со американскиот државен секретар Блинкен во Вашингтон. Ова е негова прва посета на стратешкиот сојузник САД откако ја презема позицијата. Тој е во Вашингтон во период на интензивирани забелешки и критики од САД до Владата, судството, за степенот на корупцијата, ситуацијата со владеење на правото, бавните судски постапки кои неретко завршуваат со застарување.

На средбата било кажано дека Америка останува стратешки партнер, а поддршката продолжува и во периодот што претстои, бидејќи тоа е од голема важност за стабилноста и просперитетот и на Северна Македонија, но и на регионот.

По средбите, Ковачевски во интервју за „Гласот на Америка“ на македонски јазик, не објасни како планира да собере 80 пратеници за уставните измени, но уште еднаш ја потенцираше важноста на продолжување на почнатиот процес.

Ковачевски во рамки на посетата на Вашингтон, присуствуваше на прием кој се одржа во нашата амбасада во Вашингтон, а на кој беа присутни високи гости претставници на американската администрација и Конгрес меѓу кои и заменикот помошник државен секретар на САД, Ескобар.

Ковачевски изрази уверување дека со помош на САД ќе се изнајдат решенија на сите отворени прашања во регионот по пат на дијалог, што би довело до побрза интеграција во ЕУ на земјите од Западен Балкан.

Македонскиот премиер зборувал отворено и за руското малигно влијание во земјава.

Во рамки на посетата, на средба со Џејмс П. Рубин, специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент потпишаа Меморандум меѓу САД и Северна Македонија за создавање стратешко партнерство за борба против дезинформации, што ќе им овозможи на САД и Северна Македонија интензивна соработка во спротивставување на манипулациите со информации и борбата со дезинформации.

Катерина Топалова