Продолжи судскиот процес за родилката од Дебар
Со сослушување на дежурната медицинска сестра акушерка во струшката болница, денеска продолжи судскиот процес за родилката од Дебар, која во август 2020-та година при породување остана без три органи. На обвинителната клупа се тројца лекари гинеколози, поранешниот директор на струшката болница Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и третообвинетата докторка, Лилјана Јованоска. И тројцата се изземаат од вина...

Со сослушување на единствениот повикан сведок, медицинска сестра од Општата болница-Струга, денес продолжи судскиот процес за родилката од Дебар, која во август 2020-та година при породување остана без три органи.
Акушерката Сарита Пешиноска, раскажа дека родилката Јилдаз Веапоска се жалела на болка, но сакала да си оди од болницата. Дежурната докторка Лилјана Јованоска, денес третообвинета, не ја пуштала, туку направила анализи и го повикала првообвинетиот доктор, па родилката ја внеле на повторна операција во сала.
Веапоска за медиумите рече, сакала да си оди за да бара помош во друга болница, бидејќи имала големи болки. Таа денес го повика министерот за здравство да се заложи за случајот и да им ги одземе лиценците на обвинетите лекари.
„Имам повик до министерот за здравство, како што ги гледа сите случаи за анестезиологот, за Јана, за малото бебе, да има слух и за мојот случај да реагира до Лекарската комора да побара одземање на лиценците на овие лекари, што ми го направија ова“, рече Јилдаз Веапоска.
На следното рочиште ќе бидат сослушани судските вештаци од Институтот за судска медицина. Според адвокатот на оштетената, тоа ќе бидат клучните сведоци кои ќе ја расчистат дилемата, што се случувало за време на оперативниот зафат.
„Тука ќе има малку тактика бидејќи одбраната има доставено свои вештачења, кои се косат со вештачењата на судска медицина. Тука предвидлив исход на одлуката на судот ќе биде да се обезбеди супер вештачење, коешто ќе ја обремени постапката, но ние сме подготвени и за тоа бидејќи знаеме што се случувало за време на операцијата“, изјави Сашо Јанев, адвокат на оштетената родилка.
Д-р Мухамед Асани е поранешен директор на Струшката болница, а беше разрешен токму поради овој случај. Второобвинетиот е негов син, Блертон Асани, како лекар-специјализант по гинекологија, а третообвинета е докторката Лилјана Јованоска. Тие се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето. При укажување лекарска помош примениле неподобно средство и начин на лекување, со што предизвикале влошување на здравствена состојба на родилката од Дебар, поради што таа остана без матка, јајници и бубрег.
На првото рочиште обвинетите кажаа дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело.
Соња Рилковска
