Нов претседател, нови правила на Судскиот совет
Новиот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев на седницата не дозволи снимање на камерите од медиумите. Тврдеше дека одлуката е едногласно донесена на колегиум. Реагираше експретседателката Весна Дамева дека не била повикана и дека е против исклучување...

Новиот претседател на Судскиот совет, Георгиев, повикувајќи се на одлука на колегиумот, на првата седница со која раководеше побара камерите од медиумите да се исклучат и снимателите да излезат од салата. Како што образложи-немало услови да се снима седницата, но во салата може да останат само новинарите.
На ова реагираше експретседателка Весна Дамева. Рече дека е изненадена, дека не била повикана на колегиумот и е против ваквата одлука. Сепак, додаде дека нема да се спротивставува на одлуката на мнозинството. Му укажа на Георгиев дека камерите секогаш биле на исто место, а со оглед на последните случувања во Судски, добро е камерите да се тука.
Две недели јавноста ја брануваат случувањата во Судскиот совет, по скандалозната седница и разрешувањето на претседателката Дамева од нејзиниот заменик. Деновиве се случија и неколку седници зад затворени врати. Фелата реагира на начинот како е разрешена Дамева, а дел од партиите побараа и оставки од членовите на Судски.
Андријана Ѓурческа
