Стручната јавност смета дека е време да се работи на превенција на врсничкото насилство
Стручната јавност вели дека долго време го следат булингот во училиштата. Алармираат дека веќе е време да се превенира. Посочуваат дека е неопходна национална стратегија. Порачаа-засега она што може да се направи е сите заедно да се посветат на децата и проблемите со кои се соочуваат. Министерот Шаќири најголемата одговорност за децата ја впери во семејствата...

Министерството не може да биде родител и педагог. Одговорност за децата имаат и институциите, но клучно е семејството, посочи министерот за образование Шаќири на трибината посветена на врсничкото насилство. Апелираше од директор, преку наставник па се до родителите да работат повеќе со децата. Најави детално разгледување на пријавите кои ќе пристигнат на официјалниот мејл за пријавување насилство, а наскоро рече дека ќе бидат формирани стручни тимови од сите средни и основни училишта заедно со Центарот за социјални работи.
Новите мерки на МОН што треба да спречат насилство во училиштата за актерката Весна Петрушевска се бајка и се далеку од реалноста, бидејќи како што рече спроведените анкети во нејзината актерска школа на деца на возраст од 8 до 14 години, покажале дека во речиси сите одделенија се носи студено оружје.
Психолозите согласни најголемата одговорност е кај родителите, тие последни дознаваат дека нивното дете е жртва на врсничко насилство, што повеќе се молчи толку состојбата станува полоша, анализира психологот Ана Фрицханд. Потенцира дека мора да се работи со насилниците бидејќи тие преку ноќ не стануваат агресивни и никогаш не запираат со една жртва, туку секогаш се во потрага по нова.
Укинувањето на мрежата „Тик-Ток“ може да биде ефикасна, но само краткорочно, а младите повторно ќе најдат начин како да дојдат до социјалните мрежи беше заклучокот од дебатата.
Викторија Милевска
