Пендаровски: Постојано ја истакнуваме важноста за постоење независен Меѓународен кривичен суд
Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска се обрати на онлајн самитот на лидери и шефови на влади на земјите-членки на Основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина...

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска се обрати на онлајн самитот на лидери и шефови на влади на земјите-членки на Основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина. Тој напомена дека Северна Македонија постојано ја истакнува важноста за постоење независен и ефективен Меѓународен кривичен суд.
Како што рече Пендаровски, светот е исправен пред нова историска пресвртница од крајот на Студената војна. Употребата на сила од страна на Русија против суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина е акт на агресија со јасно кршење на член 2 став 4 од Повелбата на ОН и бесрамен предизвик за меѓународниот правен поредок.
-Очигледно е дека мора да се обезбеди целосна одговорност за воените и сите други злосторства поврзани со војната на Русија, вклучително и одговорност за злосторствата на агресија. Целосно ја поддржуваме Заедничката изјава за формирање на Специјалниот трибунал како меѓународен механизам кој има за цел да ги гони злосторствата на агресија извршени од страна на Руската Федерација против Украина. Нашата земја се приклучи кон групата и го поддржува формирањето на Специјален трибунал кој ќе ги истражува и гони сите злосторства на агресија и да ги изведе сторителите пред лицето на правдата согласно меѓународното право, рече претседателот.
