Законите за коридорите по скратена постапка и со европско знаменце денеска на собраниска седница
Европското знаменце повторно станува предизвик за законодавците. Овојпат е закачено на некои предлог закони од договорот за коридорите. ВМРО-ДПМНЕ реагира, СДСМ објаснува. Во Собранието денес е закажана седницата на чиј распоред се контроверзните документи...

На дневен ред на седницата се Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 д во Република Северна Македонија, по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за експропријација и на Законот за работните односи, сите по скратена постапка.
Овие закони, како што предложи Владата која е предлагач, ќе се разгледуваат на Комисијата за европски прашања односно тие се со европско знаменце.
Бидејќи законите се блокирани од страна на опозицијата, решивме да предложиме измена на пет закони, но со европско знаменце, изјави првиот вицепремиер и координатор за следење на работите за проектот за автопатиштата, Артан Груби на прес-конференција во Владата пред неколку дена.
Од Канцеларијата на ЕУ во Скопје реагираа наведувајќи дека употребата на европското знаменце на предлог закони за изградба на автопатиштата од „Бехтел и Енка“ не е оправдано и нема врска со реформската агенда за ЕУ.
Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски рече дека е многу јасно дека е прекршен Деловникот и процедурата.
СДСМ очекуваат разбирање и потенцираат дека се работи за европски коридор.
Од Сојузот на синдикати на Македонија и гранскиот Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање информираа дека испратиле писмо до евроамбасадорот Дејвид Гир во кое бараат да биде упатена јасна порака до Владата и пратениците да не се злоупотребува европското знаменце за закони со кои, како што велат, се силуваат работничките права.
