Тетово

Одложено рочиштето за модуларната болница Тетово

10.05.2023 12:01

По втор пат одложено читањето на завршните зборови за модуларната болница Тетово. Следното судско рочиште е закажано за 29 мај. И утринава пред да започне судењето, пред Основниот суд во Тетово се одржа протест за поддршка на третообвинетиот доктор Бобан Вучевски...

Судењето на кое требаше да се прочитаат завршните зборови за случајот модуларна болница Тетово, беше одложено оти адвокатот на второобвинетиот Артан Етеми, не беше присутен на рочиштето.

Како што изјави Етеми кој се товари за кривично дело – тешки дела против општата сигурност, неговиот адвокат бил болен и не можел да присуствува на денешниот процес. Судијата Јордан Велов кој го води предметот, побара да биде доставена здравствена белешка.

Пред Основниот суд во Тетово и денеска се одржа протест за поддршка на доктор Бобан Вучевски. Учесниците посочија дека обвинителството вината треба да ја бара на друго место, докторот треба да биде меѓу пациентите, а не на обвинителна клупа. Доказната постапка за судскиот процес Модуларната болница Тетово заврши. Откако ќе се прочитаат завршните зборови, се очекува да се објави и пресудата за овој случај, во кој сведочеа вешти лица, роднини на пациенти како и вработени во Клиничката болница Тетово.

Во случајот модуларна болница, Тетовското обвинителсво ги обвини двајцата директори Фљорин Бесими и Артан Етеми, за кривично дело тешки дела против општата сигурност и доктор Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово, за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Инаку во октомври 2021 година, по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната, настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен апарат за реанимација.

 

Зоран Димовски