Стефан Хаџи-Николов: Предизвик е да се тргне по нови начини на изразување
Новиот простор на Матица Ексклузив ја продолжува традицијата да ги афирмира творечките вредности на нашите уметници. На ѕидовите на овој книжевно-ликовен салон се поставени дела на академскиот сликар Стефан Хаџи- Николов. Овојпат со фигуративен израз. Тука се пролетта, уморените јаболка, есента, летните спомени...

Јас сум фигуративен сликар, но освен тоа работам и апстрактно сликарство, портрети и мртви природи.Тоа значи дека самиот сликар има потреба да истражува и да наоѓа нешто ново. Кога ја договаравме оваа изложба, не се подготвував посебно, затоа што ги имав изработено делата од поодамна. Решив да изложам нешто што досега не сум изложувал. Направив неколку мртви природи кои ги работев од јануари до март оваа година. Направив и еден портрет. Портрети не работам освен ако ми порачаат, вели сликарот Стефан Хаџи- Николов.
Стефан Хаџи-Николов е слободен уметник. Досега се претставил со над 50 самостојни и голем број групни изложби. Добитник е на значајни признанија во Македонија и во странство.
Во однос на продавањето слики, во последниве 5 години е потешко од претходните, тврди Хаџи- Николов. Таква е состојбата на сликарите кои живеат исклучиво од сликарството. И тоа не само во Македонија туку и во околните земји.
Јас сум сликар што живее од продажба на слики. Купувачот е тој од кој јас ги добивам средствата за да живеам и да творам понатаму. Во оваа галерија кадешто сега изложувам е едноставо за договарање. На други места морам да конкурирам. Често пати добивам покана од странство, но неможам да одам бидејќи сум ги пропуштил конкурсите, објаснува Хаџи-Николов.
Уметноста е бесконечна. Мојата тајна во ликовноста е постојана потрага по убавината,ќе каже авторот. Голем предизвик за мене е да трагам по нови начини на изразување.
Секако нема да го напуштам фигуративното сликарство. Со тоа ќе продолжам. Сега работам на нови дела за мојата следна изложба во Котор, во Црна Гора. Тоа ќе биде кон крајот на јуни и во почетокот на јули оваа година. Тие дела ќе бидат различни од оние што досега сум ги работел. За понатаму , за мојот творечки пат не би кажал ништо.
Лидија Мешкова
