Русија ја турка Јапонија поблиску до НАТО
Јапонија го преиспитува прашањето за регионалната безбедност. Властите во Токио во преговори за отворање канцеларија на НАТО за врски – прва од ваков вид во Азија. Кина претходно предупреди дека е против ширењето на НАТО во Азија и луто одговори на извештаите за можната канцеларија во Јапонија...

Последиците од руската инвазија врз Украина се доста пошироки од границите на Европа. Јапонија го преиспитува прашањето за регионалната безбедност. Властите во Токио во преговори за отворање канцеларија на НАТО за врски – прва од ваков вид во Азија.
„Веќе сме во разговори, но сè уште не се финализирани деталите. Причината за овие разговори е тоа што по агресијата на Русија кон Украина, светот стана понестабилен.
Кина претходно предупреди дека е против ширењето на НАТО во Азија и луто одговори на извештаите за можната канцеларија во Јапонија. Киев доби нов пакет помош од Вашингтон во вредност од 1,2 милијарди долари, артилерија за зајакнување на одбраната.
„Пакетот ја нагласува континуираната посветеност на САД за исполнување на најитните барања на Украина, а истовремено градење на капацитетот на оружените сили да можат да ја бранат својата територија и да ја одвратат руската агресија на долг рок“, изјави бригадниот генерал Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
„Добивме нов одбранбен пакет од САД. Артилерија, заштита од терористички ракети и беспилотни летала и други работи за зајакнување на нашите бранители. Му благодарам на претседателот Бајден, Конгресот-двете партии-и секое американско семејство за нивната непоколеблива поддршка и за американската сила што не прави посилни“, нагласи украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во овој момент не се можни мировни преговори за ставање крај на војната бидејќи двете страни се целосно уверени дека можат да победат – оценува генералниот секретар на ООН.
Експлозии одекнаа над Киев кога украинската противвоздушна одбрана успеа да собори 15 руски проектили во најновиот напад-тврди војската. Соопштува и за успешен контранапад кај Бахмут.
Шефот на паравоената група „Вагнер“ пак, тврди дека неговата војска почнала да ја добива потребната муниција. Во Запорожје ситуацијата се влошува. Руските војници не дозволуваат евакуација на персоналот и нивните семејства-обвинува Украина.
Москва јавува за нови напади со дронови, погодени три руски региони на границата со Украина. Во синоќешното ракетирање на истокот од земјата, убиен е француски новинар на агенцијата „Франс-прес“.
Бојана Крстевски
