Кичево

Се намалува бројот на студенти во Југозападниот регион во земјава

11.05.2023 09:00

Се намалува бројот на студенти во Југозападниот регион во земјава. На Правниот факултет Кичево со дисперзирани студии во Струга и Битола во една академска година се запишуваа по 500 студенти, денес таа бројка е петкратно намалена, се запишуваат по 100-тина студенти. Државата мора засилено да работи на вложување во економскиот стандард за зачувување на стручниот кадар и младите во земјава, сметаат професорите …

Се намалува бројот на студенти во Југозападниот регион во земјава. Ако пред десетина години на Правниот факултет Кичево со дисперзирани студии во Струга и Битола во една академска година се запишуваа по 500 студенти, денес таа бројка е петкратно намалена. Годишно во трите научни установи денес се запишуваат по стотина нови студенти. И покрај дисперзираните студии, кои ги намалуваат трошоците на студентите интересот за студии се намалува. Ова се должи на трендот на иселување на младите.

„Сега веќе во последните 3 до 4 години бројката на студенти во прв циклус се околу 100 студенти во генерација. Намалувањето е очевидно, но тоа се трендовите знаете дека и во средното образование се намалува бројот на ученици“, вели проф. д-р Светлана Велјаноска редовен професор на Правен факултет Кичево.

Државата мора засилено да работи на вложување во економскиот стандард за зачувување на стручниот кадар и младите во земјава, сметаат професорите.

„Младите бараат повисоки стандарди, бараат поквалитетен живот и она што мора да се направи се со цел нив да ги задржиме тука е вложување во економско социјалната стабилност и стандард во Р. Македонија. Ние како факултет сме само еден мал чинител во тој мозаик“, вели проф. д-р Горан Милиќ проректор за наука на Универзитетот Свети Климент Охридски Битола.

Годинава од Правниот факултет со седиште Кичево, кој одбележа 15 години од своето постоење излегоа 65 дипломирани правници и 35 магистри на правни науки. Вкупната бројка на активни студенти на трите циклуси во трите градови во моментов изнесува петстотини.

 

Соња Рилковска