Османи: Се надевам дека до ноември ќе успееме да ги внесеме Бугарите во Уставот
Ирска поддржува најбрз можен прием на Македонија во ЕУ, порачаа ирските пратеници од Комитетот за европски прашања на ирскиот парламент на средбата со министерот за надворешни работи Османи. Ирските политичари истакнаа дека за пристапувањето на земјава во Унијата се поставија билатерални барања што немаат врска со исполнувањето на копенхашките критериуми, но прашање е дали тие ќе бидат последни пред полноправното членство. Шефот на дипломатијата рече дека се надева на уставни промени до ноември за да може да почне отворањето на поглавјата...

Евроинтеграцијата на Македонија од 2001-та е отежната со билатерални барања, прво од Грција, а сега и од Бугарија. Се надевам дека до ноември ќе успееме да ги внесеме Бугарите во Уставот, и да го отвориме првото поглавје за владеење на правото, борба против корупцијата и човековите права, изјави шефот на дипломатија Османи пред Комитетот за европски прашања во ирскиот парламент.
„По промената на името, сите мислевме дека ќе биде брз патот кон ЕУ. Но сега во еден од условите за одење напред со пристапниот процес е повторно да го отвориме Уставот за внесување на бугарската заедница во преамбулата. Се надеваме дека ова ќе биде единственото барање во пристапниот процес и дека по уставните промени конечно ќе го отвориме првиот кластер поглавја“, изјави Бујар Османи.
Ирските пратеници со поддршка за брз прием на земјава во ЕУ, оти досега ниту една кандидатка не се соочила со толку многу барања надвор од критериумите за прием во Унијата.
„Освен копенхашките критериуми, за Северна Македонија се поставија нови пречки. Ирска многу поддржува најбрз можен прием во ЕУ. Ниедна земја кандидатка не мораше да го смени името за да стане кандидат. Бугарското барање е неразумно, и прашање е дали ако го исполните нема да има дополнителни барања за полноправно членство иако ги исполните сите критериуми“, изјави Бредан Хаулин-пратеник во ирски парламент.
Министерот за надворешни, одговарајќи на прашања од ирските пратеници истакна дека од документите за почеток на пристапните преговори, бугарското барање за уставни промени би требало да биде последно, но поради едногласното одлучување во ЕУ, секоја земја членка може да го блокира процесот при отворањето и затворањето на 35 поглавја. Секое одложување на евроинтеграцијата отвора простор за влијание на други страни во регионот, рече Османи во Даблин.
Ирина Гелевска
