Здравство

Во јавното здравство двојно помалку медицински сестри од потребното

10.05.2023 13:20

На јавното здравство му недостига речиси пола од потребниот кадар медицински сестри. За една години над 450 заминале во странство или во приватните установи. Реагираат, платите се ниски, ангажманот околу систематизациите и колективните договори е само изговор на менаџерите...

Во јавното здравство има само пола од потребниот број медицински сестри. За една година уште 450 го напуштиле работното место во државните здравствени установи, заминале во странство, во приватните клиники или во пензија.

Во Агенцијата за вработување, околу 2.000 лица од овој кадар се регистрирани како невработени, но 1.500 од нив, со години се ангажирани со договор на дело и работат за хонорар од 12.000 денари. Тие што работеа за време на ковид-пандемијата, на огласите не се вработени. Тие со договор на неопределено, работат со минимална плата.

Дефицитот на стоматолошки сестри е огромен, бидејќи последната генерација била пред 20 години. Сега во ординациите работи необучен кадар.

Разликата во плати меѓу сестрите со високо образование и средно е 7.000 денари, иако ги имаат истите обврски. Менаџерите на здравствените установи ги посочуваат систематизацијата и колективните договори како пречка за непознавањето и вреднувањето на факултетските дипломи. а сестрите велат дека тоа е само изговор.

 

Наташа Јанчиќ - Менковски