Дебата

Куманово: Да се врати воспитувањето и во училиштата

10.05.2023 14:47

Да го вратиме воспитувањето во училиштата, но и да научиме да ги слушаме учениците, кои често сакаат да зборуваат, предлагаат педагозите, за да се надмине состојбата со насилството. Тие посочуваат дека само заедно со родителите и институциите, можат да придонесат за сузбивање на оваа состојба. Неопходни се велат дебати, разговори, но и длабоки реформи во образованието...

Училиштата не се само за испрашување и оценување, туку и за воспитување, а таа компонента како да ја забораваме. Но и родителите и институциите мора да се вклучат, за да го надминеме врсничкото насилство кое сега излезе на виделина, но отсекогаш го имало, истакнаа стручните лица на дебатата посветена на врсничко насилство којашто се одржа во кумановската гимназија. Педагозите укажуваат дека не смеат да се ограничат на лекциите коишто ги предаваат, туку и да научат да ги слушаат проблемите, пофалбите на учениците.

„Сите треба да работиме на тоа што се пласира на интернет, социјалните мрежи. Многу почесто да имаме вакви дебати, разговори, да има предавања од психолошко-педагошката служба, класниот час секогаш да биде искористен за разговори и решавање на вистински проблеми на учениците и институциите сериозно да ги сфатат овие проблеми“, вели Ангела Петковска, наставник по македонски јазик.

Социолозите посочуваат дека немилиот настан којшто се случи во соседството, треба да биде аларм за итни реакции и кај нас. Образованието мора да претрпи длабоки реформи, а стручните екипи кои планира да ги формира министерството за образование, мора да бидат наменети за родителите, кои и не знаат како да се справат со овие предизвици.

„Мора училиштата да бидат училишта, какви што ги знаеме и очекуваме. Сега родителите велат нашето дете е на училиште, а ние во училиштата воспитната компонента ни е запоставена. Еве ги резултатите се случија. Целосна реформа промена и во однос на родителите и на училиштата, државата која гледаме многу е толерантна преку некои насилства кои се покажуваат“, нагласи социологот при кумановската гимназија Зоран Петрушевски.

МОН најави нови мерки со кои би требало да се спречи насилството во училиштата. Се споменува и укинување на мрежата „Тик-Ток“ во училиштата.

 

Елена Георгиевска