Македонија

Пендиков доби бугарско државјанство и лична карта

10.05.2023 14:54

Охриѓанецот Христијан Пендиков станува бугарски граѓанин. На официјална церемонија, потпретседателка Јотова лично му го врачи бугарското државјанство. Пендиков, одново обвини дека Бугари во Македонија трпат притисоци од власта. Во охридскиот суд се води постапка за нападот врз него, но тој сè уште не се појавил на рочиштата...

Охриѓанецот Христијан Пендиков станува бугарски граѓанин. Потпретседателка Илијана Јотова, лично, на официјална церемонија му го врачи бугарското државјанство. Рече дека тоа и претставува огромна чест и дека од денес Пендиков ќе има заштита од бугарската држава и ќе биде граѓанин и на Европската унија. Јотова, Пендиков го нарече храбар млад човек, кој и покрај провокациите останал верен на бугарската самосвест и идентитет.

„Сите ние треба да го чуваме државното достоинство на Бугарија. Секој граѓанин на Европа има право на својот идентитет, да зборува за него и да го заштитува. Очекуваме од Северна Македонија, да ги признае правата на бугарите во сопствената држава“, изјави Јотова.

Пендиков пак, одново обвини дека Бугари во Македонија трпат притисоци од власта. Се заблагодари на бугарските власти за, како што рече, грижата за неговата сигурност, бидејќи го заплашувале.

„Во Македонија има уште многу македонски бугари кои се борат секојдневно за нашата кауза и идеологија, кои се во првите редови на идеологијата. Тие се секојдневно во Северна Македонија и трпат притисок од тамошните власти“, вели Пендиков.

Пендиков не ѝ беше познат на јавноста до инцидентот на 19-ти јануари, кога беше нападнат во Охрид, а официјална Софија случајот го политизираше. Беше секретар на сега згаснатиот бугарски клуб во Охрид, со контроверзно име „Цар Борис Трети“. Судењето за нападот на Пендиков е во охридскиот суд. И покрај поканите за судење, тој до сега се нема појавено во Македонија. Бугарската влада му додели стан, ги плаќа и неговите дневни трошоци, по лекувањето и операцијата во Софија.

Првообвинетиот, Илиевски, се изјасни дека не е виновен за делото. Против Пендиков, во охридското Обвинителство се води предмет поради омаловажување на македонскиот народ и Македонија.

Милчо Велески