Гир: Загрижува означувањето со европско знаме на закони кои не се дел од усогласување со легислативата на ЕУ
ВМРО-ДПМНЕ испрати писма до европските институции за, како што велат, злоупотребата на европското знаменце во пет закони за изградбата на коридорите. Бараат оставка и од вицепремиерот Маричиќ. Евроамбасадорот Гир вели, тука нема усогласување со ЕУ. Социјалдемократите остануваат на ставот дека на овој начин заштедуваат милиони евра...

ВМРО-ДПМНЕ испрати писма до европските институции Парламентот, Комисијата, комесарот за проширување и ЕУ делегацијата во Скопје за, како што велат, злоупотребата на Владата и спикерот Џафери за употребата на европското знаменце во пет закони кои се однесуваат на изградбата на Коридорите 8 и 10д. Во меѓувреме бараат и оставка од вицепремиерот Маричиќ кој објаснуваше зошто владата со знаменце ги испратила во Законодавниот дом иако не е според процедурите.
И додека опозицијата бараше одговор од делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Дејвид Гир, објаснувајќи ја процедурата за усогласување на легислативата со онаа на унијата посочи дека се загрижени за поднесените закони кои директно се однесуваат на „Бехтел и Енка“ изведувач на коридорите во земјава.
„Не можете да го користите ЕУ знамето кога имате процедури кои не се поврзани со европската легислатива или имате проблеми со процедурата во Парламентот. Во однос на законите за „Бехтел и Енка“ за нас е проблем користењето на ЕУ знамето, бидејќи во нив не постои усогласување со ЕУ легислативата“, изјави Дејвид Гир.
Социјалдемократите остануваат на ставот дека законите со европско знаменце заштедуваат милиони евра, а тоа што опозицијата бара оставка од вицепремиерот Маричиќ покажува дека Мицкоски е против ЕУ. Ако некој треба да се соочи со одговорност тоа е Мицкоски поради тоа што во заложништво на Левица е најголемиот кочничар на европската иднина на земјата пишува во дописот на СДСМ.
Миле Ристески
