Комисијата за европски прашања ќе ја продолжи 54-та седница
Комисијата синоќа го изгласа дневниот ред. Претходеше едночасовна дебата, во која зборуваа само опозициските пратеници. Расправата продолжува денеска. Прв од петте закони за изградба на коридорите е Законот за работни односи, за 60 часовна работна недела...

Собраниската Комисија за европски прашања денеска треба да ја продолжи 54-та седница на чиј дневен ред се предлог-законските измени за изградба на коридорите 8 и 10д. Законите се предложени со европско знаменце и треба да се донесат по скратена постапка.
Комисијата синоќа го изгласа дневниот ред. Претходеше едночасовна дебата, во која зборуваа само опозициските пратеници. Расправата продолжува денеска. Прв од петте закони за изградба на коридорите е Законот за работни односи, за 60 часовна работна недела.
На седницата се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 д во Република Северна Македонија.
Пред членовите на Комисијата е и Предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители кој исто така треба да се донесе по скратена постапка.
Во Собранието се најавени седници и на Комисијата за прашања на изборите и именувања, за предлозите за избор на членови на Советот на јавните обвинители како и седница на Комисијата за образование и наука, за предложените измени на законите за основното образование, за основање Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, за отворените граѓански универзитети за доживотно учење, за просветната инспекција и на Законот за спортска академија, сите во прво читање.
