Честитки до Иванов од Баросо, Путин, Гаук, Ѓул, Земан, Пахор, Николиќ...
Голем број шефови на држави упатија писма со честитки до претседателот Иванов...

По повод победата на претседателските избори и реизборот на Ѓорге Иванов за претседател на Република Македонија, голем број шефови на држави упатија писма со честитки, соопшти Кабинетот на Претседателот.
По повод реизборот на претседателот Иванов, писмо со честитка во име на Европската комисија и во лично име упатил претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.
„Како земја – кандидат постигнавте многу на планот на интеграцијата во Европската унија. Преостануваат важни предизвици и потребно е спроведување на натамошни реформи. Од суштинско значење е градење на довербата меѓу граѓаните во демократските процеси. Добрососедските односи, вклучувајќи ги и преговорите за заеднички прифатливо решение за спорот со името, остануваат од суштинско значење. Ви посакувам успеси како Претседател во справување со предизвиците и исполнување на европските аспирации на Вашата земја, а во интерес на сите граѓани“, напишал Баросо во честитката.
Честитки за реизборот на претседателот Иванов со желби за успех во вршењето на одговорната функција упати и Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин.
„Резултатите од гласањето потврдуваат Ваш голем политички авторитет и доверба на граѓаните. Вие давате значаен придонес за зацврстување на пријателските односи и за заемно корисната соработка меѓу Русија и Македонија“, стои во писмото упатено од претседателот Путин.
Честитки до претседателот Иванов упатил претседателот на Сојузна Република Германија, Јоахим Гаук.
„Цврсто сум убеден, нпишал тој во честитката, дека патот кон правната држава внатре во земјата и балансираниот однос кон соседните земји е единствениот правилен пат, кој на Вашата земја и овозможува добра иднина во кругот на европските народи. Германија и понатаму ќе ве придружува на овој пат“, напишал Гаук.
Честитки до претседателот Иванов во лично име и во име на турскиот народ упатил и претседателот на Република Турција Абдула Ѓул.
„Поради Вашиот удел прикажан во односите со Турција за време на Вашиот прв мандат како Претседател, нашата соработка чија што сила доаѓа од историската, човечката и културната врска има достигнато голем напредок“, стои во писмото од претседателот Ѓул, кој воедно изразил и очекување за натамошно продлабочување на меѓусебните односи.
