Куманово

Напредува производството на органска храна

11.05.2023 11:56

Над 200 видови автохтон македонски грав поседува кумановецот Драган Цветковиќ, кој веќе 30-ина години се занимава со производство на зачини, храна, земјоделски производи. Зрната ги складира и умножува, а веќе ја постигнал целта семенски материјал, да остане во земјава. Според него последниве три години значајно е подобрено производството на органска храна, иако засега располагаме со мали количини...

Напредува производството на органска храна во земјава. Иако располагаме со мали капацитети, ги следиме современите текови и стандарди за производство на здрава храна, вели производителот Драган Цветковиќ од Куманово, кој веќе 30-ина години произведува зачини, храна и земјоделски производи. Според него во земјава сè уште се работи на полесниот пат за производство на култури, а преработката не е доволно развиена.

„Сè уште не е развиено во потребна мерка преработката на тие производи за да им се даде поголема вредност, и поголем рок на употреба, конзервирани, дехидрирани, сушени“, вели Цветковиќ.

Цветковиќ веќе седум години е и колекционер на стари автохтони сорти, домашна пченица, пиперка. Но располага и со над 200 видови автохтон македонски грав. Опфаќа цела палета на бои, кои ги собира низ планинските места во земјава, повеќето од североисточниот регион. Зрната ги собира, селектира и умножува. Веќе ја постигнал целта да собере доволни количини семенски материјал, кој ќе остане во земјава.

„Кога почнавме да одиме на саеми надвор од Македонија, ќе го споменам Нимберг најголемиот саем за органски производи, таму беа воодушевени од тоа што го однесовме, потоа бараа да им произведуваме, сè уште немаме во Македонија капацитети за големо производство но работиме“, раскажува тој.

Тој неколку години го организира и саемот Органска трпеза, чија цел е групација на производителите, споделувања на знаењата и поголем пласман на производите.

 

Елена Георгиевска