Зеленски: Силната контраофанзива ќе го избрка непријателот
Лидерот на Украина најавува силна контраофанзива. Киев тврди-руските сили се повлекоа од делови на Бахмут. Случувања во Украина предизвикале долгорочна штета на европскиот безбедносен поредок, оценува германскиот претседател Штајнмајер. Војната во Украина дел и од предизборната кампања на Трамп...

Жестоки борби во Бахмут. Украинската страна тврди дека се повлекле руските сили во источниот дел од овој град. Напад со дрон и врз складиште на нафта во рускиот пограничен регион Брјанск.
„Ќе направиме се за да избега непријателот. Каде ќе заврши? Искрено, тоа зависи од нашиот дух. Колку посилна контраофанзива имаме, толку подалеку ќе бегаат. Тоа е најважното. Не можам да ви кажам конкретно каде ќе бидат спроведени акциите на контраофанзивата. Имаме разни чекори. Мислам дека ќе постигнеме соодветен резултат“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Нашата војна со Русите не е локален судир. Не постои локално решение, тактичка или територијална промена која ќе го заврши. Реално, ова е судир на цивилизации, а последици ќе има низ целиот свет. Ако руската агресија успее во која било мера, ќе ги охрабри сите други режими кои се заинтересирани за употреба на сила за да стигнат до целта“, изјави украинскиот министер за одбрана, Олексиј Резников.
„Претседателот Зеленски изјави дека ќе ја одложи контраофанзивата. Се разбира дека им е потребна поголема подготовка, им треба повеќе оружје. Треба да го зголемат капацитетот. А, ние сме тие коишто ќе им го обезбедиме“, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.
Германскиот претседател Штајнмајер смета дека актуелните случувања во Украина предизвикале долгорочна штета на европскиот безбедносен поредок.
Со теренската, продолжува и економската војна. Според Турција, која е покровител на Црноморскиот договор за извоз на украинските житарки, спогодбата потпишана лани може да биде продолжена за уште најмалку два месеца. Европската комисија најави механизми за спречување на заобиколување на санкциите за Русија откако биле регистрирани сомнителни трговски канали од ЕУ преку трети земји.
Војната во Украина дел и од предизборната кампања на поранешниот американски претседател Трамп. Во интервју за Си-ен-ен, изјави дека Русија никогаш немало да изврши напад доколку тој бил лидер на САД. Според Би-би-си, анкетите покажуваат сè поголем револт кај републиканците поради поддршката на Вашингтон за Киев. Мнозинството републиканци се на страната на Трамп, но дел од нив, заедно со демократите, ветија континуирана помош за Украина.
Маја С. Филдишев
