Јанакиески и Тодоров ги посетија повредените од тешката сообраќајка во штипската болница

13.05.2014 12:59

вајцата министри ги посетија повредените кои се хоспитализирани во штипската болница...

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и министерот за здравство Никола Тодоров ги посетија повредените од тешката сообраќајна несреќа во која струмчки автобус удри во воз на патниот правец Штип- Велес. Двајцата министри ги посетија повредените кои се хоспитализирани во штипската болница.
 
Претходно, Јанакиески и Тодоров, го посетија и на местото на несреќа во близина на бензинската „Мики петрол“ на патот Штип-Велес. По посетата на повредените патници во штипската болница, двајцата министри ќе ги посетат и повредените во болницата во Велес.
 
Според последните информации, 32 лица беа повредени во сообраќајната несреќа која се случи утрово на патот Штип- Велес. На Клиничката болница во Штип пренесени се 16 патници кои се во стабилна состојба. Од нив, 11 моментално се на Одделот за хирургија, а еден патник поради повреда на рбетот е испратен на клиниките во Скопје.
 
Во болницата во Велес пренесени се уште 16 патници од кои тројца со потешки телесни повреди се испратени во Скопје. Од нив, еден е неконтактибилен, а другите се со повреда на кичмата и ребрата. Двајца се пуштени на домашно лекување, а останатите се на хирургија и им се спроведуваат прегледи. Меѓу повредените е и една бремена жена која е во добра состојба.
 
Во моментов сообраќајот на патниот правец Штип-Велес е нормализиран откако утрово беше во прекин, по сообраќајната несреќа.