Повредените во страотната сообраќајна несреќа на патот Штип- Велес се во стабилна состојба
Сообраќајната несреќа се случила уринава околу 7.00 часот кога на автобусот на Струмица експрес кој сообраќајал од Струмица кон Скопје, а во кој имало 45 патници, директно налетал воз кој се движел од Штип Кон Скопје...

Воз удри во автобус кај Лозово. Близу 40 лица се повредени. Сите повредени во страотната сообраќајна несреќа, вкупно 36 на број, се во стабилна здравствена состојба и тие се згрижени во Штипската и Велешката болница.
„Вкупно имаме згрижено 11 лица, сите се во стабилна состојба. Во најголем број случаи се работи за набиеници и контузии“, вели Александар Стојановски, директор на Клиничка болница Штип.
Сообраќајната несреќа се случила уринава околу 7.00 часот кога на автобусот на Струмица експрес кој сообраќајал од Струмица кон Скопје, а во кој имало 45 патници, директно налетал воз кој се движел од Штип Кон Скопје.
Очевидци на настанот тврдат дека глатката и атмосферата во автобусот за време на несреќата била страшна:
„Не можам да опишам како беше, страшно. Имаше многу крв и многу повредени. Се обидовме и ние да помогнеме“, изјави Димитра Гоцевски, очевидец.
Истрагата треба да утврди како несреќата се случила но според директорот на Македонски железници Оливер Дерковски, комплетната сигнализација на пругата, функционирала беспрекорно.
„Се било во најдобар ред со сигнализацијата. Првичните информации говорат дека возачот на автобусот се обидел да ја заобиколи рампата и да ја премине пругата“, изјави Оливер Дерковски, директор на Македонски железници Транспорт.
Кратко време по страотниот судир, на местото несреќата пристигна и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и министерот за здравство Никола Тодоров.
На местото на несреќата извршен е увид од страна на јавен обвинител и крим техника, а на машиновозачот и на возачот на автобусот им е направен алкотест. Резултатите од истрагата треба да ги кажат точните околности под кои се случи една од најголемите сообраќајни несреќи во овој дел на државата.
Инаку, соораќајот полека се нормалиизра, и тој се одвива по една коловозна лента.
Оливера Жежова
