Мигранти го препливаа Рио Гранде за да стигнат до САД
Толпата мигранти меѓу граничните огради што ги делат Сан Диего и Тихуана нагло се зголеми во последната недела. Цели семејства во групи минуваа заедно преку реката барајќи полесен пристап до брегот...

Укинувањето на рестриктивните мерки воведени во ковид-пандемијата познати како „Одредба 42“ предизвикаа зголемен прилив на мигранти на границата со Мексико. Очајни да стигнат до ветената земја, мигранти го препливаа Рио Гранде. Толпата мигранти меѓу граничните огради што ги делат Сан Диего и Тихуана нагло се зголеми во последната недела.
„Овде сме од вторник. Администрацијата на претседателот Џо Бајден ќе почне со одбивање азил на мигрантите кои ќе се појават на границата меѓу САД и Мексико без претходно да аплицираат онлајн или да побараат заштита во земјата низ која поминале. Американските власти предупредија на тешки денови“, изјави Андреа Медина-мигрант од Венецуела.
Цели семејства во групи минуваа заедно преку реката барајќи полесен пристап до брегот. Оние што не успеаја да излезат на брегот на американската, се вратија на мексиканската страна на реката, крајно вознемирени.
„Се обидов еднаш да преминам, но бев депортиран назад во Колумбија по 10 дена поминати во засолниште за мигранти овде, во Соединетите Држави. Знаејќи дека „Одредбата 42“ завршува на 11 мај, се трудев да се вратам и да видам дали можам да останам во САД“, рече Александар Родригез-мигрант од Колумбија.
Пограничните градови во САД се под зголемен притисок, повеќе од 24 илјади агенти и безбедносни сили се распоредени на јужна граница со Мексико. Во обид да ги спречат илегалните премини, Националната гарда подигна жичена ограда на границата. На тие што ќе бидат приведени, ќе им биде забранет влез во САД пет години и се соочуваат со кривично гонење.
„Според што го видов, ќе има протерувања. Тој што ќе влезе илегално или ќе се обрати на граничната патрола автоматски ќе биде протеран, а ако се обиде повторно ќе биде казнет“, Карлос Едуардо Ривас-мигрант од Венецуела.
„Синоќа се обидовме да поминеме, не вратија назад, но денес ќе успееме“, рече Зекелина Куевас-мигрантка од Доминиканска Република.
Повеќето од луѓето што одат на границата меѓу САД и Мексико бегаат од прогон или сиромаштија од матичните земји. Претходно, Чикаго прогласи вонредна состојба како одговор на илјадниците мигранти кои ја преминаа јужната американска граница и бараат азил. Месечно околу 30.000 луѓе од Хаити, Куба, Никарагва и Венецуела се обидуваат да влезат во ветената земја.
Маријана Димовска
