Поранешен директор на Проаква- Струга заработи кривична пријава

13.05.2014 13:40

Tој ги довел во заблуда членовите на управниот одбор предлагајќи да донесат одлука на овие вработени противзаконито да им се даде надомест од 60 идни плати на товар на јавното претпријатие...

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.Т.(53) од Охрид, поранешен директор на МЈП „Проаква“-Струга, за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Пријавениот, како директор на претпријатието на седница на управниот одбор во 2009 година предложил поради превработеност и тешка материјална состојба да бидат прогласени 23 вработени како технолошки вишок во РЕ „Водовод“-Охрид која е дел од МЈП „Проаква“-Струга.

Како што денеска соопшти МВР, тој ги довел во заблуда членовите на управниот одбор предлагајќи да донесат одлука на овие вработени противзаконито да им се даде надомест од 60 идни плати на товар на јавното претпријатие и исплата на еднократен надоместок од по 8.000 денари по работник.

По донесувањето на одлуката од страна на управниот одбор, Б.Т. потпишал поединечни договори со 23-та работници за исплата на 60 плати, при што со ваквите дејствија претпријатието е оштетено за 6.365.671 денари.