Скопје се подготвува за првиот Скопски цветен фестивал
Првиот Скопски цветен фестивал ќе почне на 17.05.2014 година, во 10 часот, со цветно дефиле во кое ќе учествуваат 500 деца...

Градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ на 17 и 18 мај (сабота и недела) во вториот дел од Градскиот парк, на просторот наспроти „Паркот за миленици“, ќе го организираат првиот Скопски цветен фестивал.
Деталите за првиот фестивал на цвеќето во Скопје денеска на прес-конференција ги соопшти градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
„Ми претставува особена чест да ги поканам моите сограѓани во сабота и во недела да бидат дел од првиот Скопски цветен фестивал, кој што ќе се одвива под мотото „Слушни ја бојата”. Целта на оваа манифестација е да се промовира одгледувањето цвеќе пред граѓаните, најмладите да се вклучат во работилници, да ја покажат својата креативност и да научат нешто повеќе за цвеќињата, и да се подигне јавната свест за заштита на животната средина. Морам да нагласам дека во изминативе години Градот Скопје стана град на цвеќето. Преку континуирани акции, Градот Скопје со цвеќе уреди голем број јавни површини со што придонесе за разубавување на просторот, но сакаме да ги поттикнеме и институциите, приватниот сектор и граѓаните со цвеќиња да ги разубават своите простори“, рече градоначалникот Трајановски.
Трајановски најави дека првиот Скопски цветен фестивал ќе почне на 17.05.2014 година, во 10 часот, со цветно дефиле во кое ќе учествуваат 500 деца, а кое ќе тргне од плоштадот „Македонија“ и ќе се движи кон Градскиот парк.
Официјалното отворање на фестивалот е закажано за во 12 часот, на просторот наспроти „Паркот за миленици“, во вториот дел од Градскиот парк.
