Контраофанзивата почна, Русија демантира
Почна контраофанзивата на украинските сили. Војската напредува во Бахмут. Москва демантира – ситуацијата во градот е под контрола. Вашингтон загрижен по информациите дека јужна Африка ја снабдува Русија со оружје. Обединетото кралство испраќа крстаречки ракети на Украина. Русија се закани со воен одговор доколку Киев ја добие помошта...

Сирени за воздушна опасност на истокот од Украина. Цивилни жртви во руското гранатирање околу Запорожје. Украинските сили вршат ракетни напади врз Доњецк. Жестоки борби и натаму во Бахмут. Киев соопштува за ефективни контранапади околу источниот дел од градот и повлекување на руските сили. Потврда за украинската контраофанзива дојде и од шефот на паравоената група „Вагнер“.
„Зеленски игра лукаво. Контраофанзивата е во полн ек. Украинските сили напредуваат во Бахмут и, за жал, во некои области тоа го прават успешно“, изјави Евгениј Пригожин - шеф на „Вагнер“.
Руската одбрана ги демантира информациите. Тврди-воената ситуација во Бахмут е под контрола. Од Кремљ велат дека „делумно“ ги постигнале своите цели во Украина.
„Силите на Москва зазедоа значајни области во регионот Донбас во Украина и прилично успеавме да ја победиме воената машинерија. Специјалната воена операција ќе продолжи да го спречува непријателот назад“, изјави Дмитриј Песков - портпарол на рускиот претседател.
Обединетото кралство и испраќа на Украина крстаречки ракети со долг дострел за да и помогне на Украина во повлекувањето на руските сили. Москва се закани со воен одговор доколку Британија ја испрати помошта. Во меѓувреме, американскиот амбасадор во Јужноафриканската Република обвини дека земјата ја снабдува Русија со оружје и муниција и покрај неутралноста во конфликтот. Вашингтон загрижен. Јужноафриканскиот претседател разочаран од ваквите тврдења за кои не се обезбедени докази, но додаде дека случајот се истражува.
